Вести Македонија Ударни вести

Билатерална средба на Никола Димитров и Миро Церар

Сподели:

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска на почетокот од 14-от Бледски Стратешки Форум оствари билатерална средба со домаќинот Миро Церар, министер за надворешни работи на Република Словенија, на која беа потврдени традиционално блиските и пријателски односи меѓу двете земји.

На средбата, министерот Димитров детално го информираше својот словенечки колега за изгледите и перспективите на евроинтегративните процеси на Северна Македонија, во светло на добивање позитивна одлука на Советот на ЕУ, во октомври о.г. Во тој контекст, МНР Димитров истакна:

„Конзистентната поддршка од Словенија и соработката на овој план е симбол на искрено пријателство и споделена европска визија. Словенечката приказна за европскиот успех е пример за целокупниот процес на проширување. Словенија беше првенец во тој контекст и инспирација за нас да целиме повисоко за да ги постигнеме нашите европски идеали. Благодарен сум и особено ја цениме вашата постојана поддршка и пријателство.”

Беа разменети мислења и за актуелните политички случувања во земјата, за важноста од владеење на правото како гаранција за сигурноста на демократскиот пат, особено за земји како Северна Македонија и Словенија. Во таа смисла, министрите Димитров и Церар се согласија дека европскиот наратив за малите земји е нашата перспектива. Владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок е нашата заштита во процесот на забрзана интеграција. Тие исто така се договорија за продолжување на поддршката и блиската, пријателска комуникација во сите сфери на заедничка соработка.

020919OA MNR Dimitrov Bledski Strateski Forum 0909

На маргините на Форумот, МНР Димитров денеска ќе се сретне со Метју Палмер, специјален пратеник на САД за Балканот и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин Офис, Ричард Мур.

Утре (вторник, 3 септември 2019 год.), МНР Димитров ќе се обрати на панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност“, на кој ќе се осврне на европските перспективи на Република Северна Македонија.

Овогодинешното мото на Форумот гласи „Ресурси/извори на (не)стабилност“/(Re)sources of (in)stability, а дискусиите се посветени на улогата на ресурсите/изворите во контекст на мирот и безбедноста, одржливиот развој и економскиот напредок.

020919OA MNR Dimitrov Bledski Strateski Forum 0913

Сподели: