Блокади, протести и пукање за време на посетата на Вучиќ на Косово

Сподели

Неколку стотини Албанци, меѓу кои и ветерани на ОВК, утринава го блокираа патот со багери и шлепери кај селото Трнава кон селото Бање во општина Србица, каде требаше да помине државната колона на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е во дводневна посета на Косово, објави српската државна телевизија РТС, и додаде дека во селото Трнава се слушнале и истрели.

Како што јави РТС, а на чии информации се повикуваат и светските новински агенции, по истрелите во селото Трнава, полицијата ја запрела колоната на Вучиќ на пат кон селото Бање. Патот од Трнава кон Бање е рутата по која српскиот претседател Александар Вучиќ требаше денеска да помине, но патот бил блокиран од демонстранти и со неколку камиони. Демонстраните носеле транспаренти против посетата на Вучиќ на Косово.

Српскиот претседател во врска со истрелите изјави дека „работите треба да се решаваат со зборови и ум, а не со оружје“, јави РТС.

„Уште посилно сум определен за зачувување на мирот и српските институции и народот на Косово“, изјавил Вучиќ во Косовска Митровица.

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави денеска Војската на Србија ќе ја почитува одлуката на претседателот и врховен командант и се што тој ќе нареди ќе биде спроведено.

„Претседателот е врховен командант на Војската на Србија и се што ќе рече тој ќе биде спроведено. Може да нареди употреба на војска и тоа ќе биде спроведено. Он е тој што ќе одлучи за тоа. Ако треба да се заштити неговата безбедност или да помине до место каде што сака, тоа ќе биде обезбедено“, рече Вулин.

РСЕ