БУГАРИЈА: Мандатот за формирање влада Радев му го додели на Борисов

Сподели

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, на церемонијата што беше одржана во Претседателството, мандатот за формирање нова влада му го додели на Бојко Борисов, лидер на централната десничарска партија Граѓани за европски развој на Бугарија ГЕРБ, која на изборите што се оддржаа на 26 март освои најголем број гласови, јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателот Радев му посака на Борисов заедно со коалициските партнери да постави силни министри.

Борисов, кој претходно на двапати беше премиер на Бугарија и двапати поднесе оставка од премиерската позиција, изјави дека во согласност со Уставот на Бугарија, владиниот кабинет ќе го претстави најдоцна за 7 дена.

Борисов соопшти дека ГЕРБ успеала да постигне политички договор со коалицијата „Обединети патриоти“, во која под еден покрив се собрани три екстремно националистички партии и дека заедно ќе формираат коалициска влада.

Борисов истакна дека очекува новата коалициска влада да има четворица вицепремиери и 17 министри, и додаде дека сѐ уште е рано за да ги обелодени имињата на новите министри.