Бугарија: Парламентот ja одобри новата влада

Сподели

Бугарскиот парламент денес го одобри формирањето на нова влада на десниот центар, настојувајќи да се врати стабилноста во земјата, да се поттикне економскиот развој и да се спроведат реформите, јавува Anadolu Agency (AA).

Парламентарците гласаа со 133 спрема 100, во корист на изборот на Бојко Борисов за трет премиерски мандат.

Во одвоено гласање пратениците го одобрија и коалицискиот кабинет, кој го формираа проевропската партија на десниот центар на Борисов, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), и крајно десничарскиот националистички сојуз Обединети патриоти.

ГЕРБ освои најмногу гласови на парламентарните избори на 26 март, но недоволно за самостојно да ја формира Владата на Бугарија.

Борисов, поранешен телохранител и градоначалник на Софија, за првпат беше челник на бугарската Влада во периодот од 2009 до 2013 година, но се повлече поради социјалните немири во земјата коишто прераснаа во насилство.

Во ноември минатата година даде оставка на половина од својот втор мандат, бидејќи на претседателските избори кандидатот на неговата партија беше поразен од социјалистите.