Вести Македонија Ударни вести

Бугарски портал со тендециозно тврдење дека Јанева зела поткуп

Сподели:

 

Со прилично тенденциозен и манипулативен наслов: „Травестит и обвинител земаат милиони од рекет во Скопје“, бугарскиот портал „bgdnes.bg“  на 17.07.2019 година објави поширок напис за скандалот „Рекет“ придружен со повеќе фотографии од специјалната обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски – Боки 13 (кој во текстот се нарекува „травестит“).

Барем засега (18.07.2019) официјално не е соопштено  дека „ и обвинител земал „рушвет“ во истрагата која на 15.07.2019 г. ја отвори Јавното  обвинителство против  Јовановски  и Зоран Милески познат како Зоки Кичеец, за примање награда за противправно влијание за да запре истражна постапка (за случајот „Империја“ со бизнисменот Орце Камчев). Тврдењето искажано во насловот, во најмала рака е претенциозно, бидејќи според официјални информации, досега (18.07.2019) во истрагата се опфатени само двете споменати личности – Јовановски и Милески. 

Тоа го кажаа и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и обвинителката Вилма Рускоска, која го води случајот „Рекет“ . Јовески на прес-конференција на 15 јули кажа дека во случајот се осомничени две лица за тргување со влијание за да се запре постапката што ја водел обвинител. 

– Друго е прашањето дали ветувањата се оствариле или не. Истрагата продолжува за да се утврди кој сѐ е оштетен и кој сѐ влијаел – рече Јовески.

ОбвинителкатаРускоска во интервју за „ТВ 24“  рече дека инволвираноста на јавен обвинител во овој случај, „сега засега не може да се докаже“. 

– Доколку се појават цврсти докази, сигурно дека истрагата ќе биде проширена, но сега навистина не можам да шпекулирам и би било несериозно од мене како обвинител да кажам во која насока може да нè одведе истрагата – рече Рускоска.

Во споменатиот текст  освен што се пласираат веќе објавени информации во македонските медиуми, особено се нагласува и улогата  на „бугарските специјални служби  во разоткривањето на случајот“ . Притоа, на самиот почеток на текстот се тврди дека „Мегапоткуп од 1,5 милиони евра од најбогатиот Македонец Орце Камчев на шефот на специјалното обвинителство во Скопје, Катица Јанева е разоткриен со активно учество на бугарските тајни служби.“ 

Но, досега (18.07.2019) не е соопштено дека обвинителот (со чие влијание се тргувало во овој случај) примил поткуп, туку за такво нешто се спомнуваат само двајцата осомничени – Јовановски и Милески. 

Според обвинителката Вилма Рускоска „осомничените прво побарале  8.000.000 евра за да се запре истражната постапка, а доколку таа не биде запрена, тогаш во насока на изнаоѓање на олеснителни околности, сведокот требал да им исплати 5.000.000 евра, со тоа што веќе дадените 1.000.000 во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4.000.000 евра било договорено да се исплаќаат сукцесивно на четири месечни рати“.

Инаку, овој текст објавен на бугарскиот портал, кој содржи дезинформации околу аферата „Рекет“, вчера беше преземен и од некои македонски медиуми. 

meta.mk

Сподели: