Чадиковски говорник на Глобалната конференција за медиумска слобода

Сподели

 

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски и Директорот Драган Секуловски  деновиве учествуваат на Глобалната конференција за медиумска слобода во Лондон. На конференцијата своите ставови и гледишта ќе ги презентираат претставници на невладини и меѓународни организации, како и бројни новинари и политичари од регионот.

 

 

На панелот за Западен Балкан, со кој беше отворена Глобалната конференција за медиумска слобода се обрати и Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој во својот говор ја објасни состојбата на медиумите и слободата на говорот во Северна Македонија.

Како главен проблем со кој се соочуваат новинарите во државата и кој ја попречува слободата на изразувањето Чадиковски ја истакна неказнивоста на случаите на напади врз новинарите. „Тоа е проблем кој се провлекува веќе подолго време и се плашиме дека може само да поттикне понатамошни напади врз нашите колеги“, рече Чадиковски потсетувајќи на неодманешниот напад врз новинарската екипа на ТВ21 во Арачиново, каде обвинителството не успеа да најде причина за да покрене истрага.

 

 

Втора точка на која се осврна Чадиковски беше неспроведувањето на медиумските реформи во државата. „Дел од најважните процеси како што се изборот на членовите на новиот Совет на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис се уште се заглавени во Парламентот, а тие претставуваат два главни предуслови за реформирање на овие две институции“.

Чадиковски говореше и за раскинување на коруптивните врски меѓу политичките партии и медиумските сопственици како предуслов за поголема уредувачка, политичка и финансиска независност на медиумите. Според него, претходната власт преку трошење на огромни средства од државниот буџет во приватните медиуми успевала да ја купи нивната наклонетост и медиумите ги ставала во функција на пропаганда, а тоа довело до цензура и автоцензура кај новинарите.

 

 

„Во моментов имаме одредено ниво на слобода на говор каде секој зборува слободно, но морам да нагласам дека сепак независноста на медиумите сé уште се наоѓа под знак прашалник поради фактот дека имаме мал коруптивен медиумски пазар. Во земја со 2 милиони жители, на пазарот функционираат околу 150 радиодифузери, помалку од 10 печатени медиуми и стотици онлајн медиуми. Сите овие медиуми функционираат на медиумскиот пазар кој годишно не вреди повеќе од 25 милиони евра. Во една ваква средина едноставно е невозможно да се зборува за одржливоста и слободата на медиумите“, истакна Чадиковски.