Честитка од Пендаровски до претседателот Трамп по повод Денот на независноста на САД

Сподели

 

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, упати честитка до Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во кое се вели:

По повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во име на граѓаните на Република Северна Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за севкупен просперитет на Вашата држава, како и за благосостојба на пријателскиот американски народ.

Воедно, би сакал да ја искажам својата длабока увереност дека во претстојниот период нашите билатерални односи ќе се развиваат со уште посилна динамика, отворен и конструктивен дијалог, и дека ќе градиме уште поцврсти и поинтензивни економски релации.

Заложбите за полноправно членство на Република Северна Македонија во НАТО и во Европската Унија се фокусните точки на нашето континуирано политичко делување. Благодарни за сета досегашна голема поддршка од Соединетите Американски Држави во остварувањето на нашите стратешки цели, граѓаните на мојата земја очекуваат несебичната поддршка да продолжи и во претстојниот исклучително важен период.

Господине Претседателе, и во оваа пригода дозволете ми да потенцирам дека Република Северна Македонија високо ја цени глобалната улога на Соединетите Американски Држави во зачувувањето на нашите заеднички вредности – мирот, безбедноста и демократијата. Во таа смисла, сакам да Ве уверам дека целосно сме посветени на јакнење и содржинско збогатување на стратешкото партнерство со Вашата држава. Бидете уверени дека сме подготвени за уште потесна, конструктивна соработка на тој план, во годините што доаѓаат.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви упатувам, господине Претседателе, изрази на мое највисоко почитување” – изјави претседателот Пендаровски во неговата честитка до американскиот претседател Трамп по повод Денот на независноста на САД.