Четворица вработени во УБК проневериле околу 824.000 евра за 10 години

Сподели
Околу 824.000 евра проневериле четворица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, во временскиот период од 25.01.2007 година до 30.05.2017 година, соопшти Јавното обвинителство, кое по сеопфатна истражна постапка отворена во март годинава, поднесе Обвинителен акт против четири лица, македонски државјани.

На тројца обвинети им се става на товар дека со извршените дејствија сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, а едно лице е обвинето за помагање во извршувањето на истото кривично дело.

Обвинетите, како службени лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, во временскиот период од 25.01.2007 година до 30.05.2017 година, постапиле спротивно на чл.7 ст.1 и чл.12 од „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК“. Во наведениот временски период, во вкупно 172 наврати за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од Одделот за финансии при Министерството за внатрешни работи, подигнале пари за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. Притоа, без да имаат посебно одобрение од директорот на Управата, без да биде формирана Комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата „Главните книги за евиденција“.

 

Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на државата во вкупен износ од 50.670.000 денари или околу 824.000 евра. Поради постоење на основано сомневање дека доколку обвинетите се пуштат да се бранат од слобода може да се дадат во бегство, односно нема да бидат достапни на органите на прогон, особено ако се земе предвид кривичното дело што им се става на товар, надлежниот обвинител заедно со обвинителниот акт, достави и Посебен предлог мерката притвор определена од судија на претходна постапка да се продолжи против тројца обвинети.