Вести Македонија Ударни вести

Членови на ВМРО-ДПМНЕ бараат одложување на конгресот за избор на нов лидер

Сподели:

Високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои пратениците Илија Димовски, Антонио Милошоски, Трајко Вељаноски, Крсто Јовановски, поранешните градоначалници – Никола Бакрачески, Борче Стамов и Илчо Захариев, преку отворено писмо побараа одложување на конгресот на партијата за избор на нов лидер, бидејќи оној закажан за 22. и 23. декември „не гарантира демократски и транспарентен процес“.

Триесетте членови и функционери на опозициската партија потпишани во писмото наведуваат дека информациите од членството на терен говорат дека во спроведување на процедурата за избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ има еден кандидат кој е „очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво“.

„Се користат партиски ресурси само за еден кандидат. Се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат. Се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите од влијателни личности во врвот на партијата со цел добивање на поддршка за едниот кандидат. Се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат“, стои во писмото.

Потписниците на писмото велат дека дел од нив досега повеќе пати алармирале и разговарале со највисоките партиски функционери, но, досега немало никаква ефективна реакција.

Тие бараат извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ да донесат одлука за зголемување на бројот на делегати на конгресот од 544 на најмалку 5.000 делегати, потоа да донесат одлука за одложување на одржувањето на Конгресот за 24 и 25 февруари 2018 година за да се даде шанса за транспарентна постапка и демократски натпревар, а да се избегне чувството дека некој набрзина сака да избере однапред предодреден кандидат.

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ бараат ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да назначи колективно претседателство од 3 до 5 членови кои ќе ја раководат партијата до одржување на Конгресот за да се отстрани сомнежот дека предлогот е со цел одолговлекување на промените во ВМРО-ДПМНЕ, а во исто време да се отстрани можноста од користење на партијата како поддршка на еден кандидат.

„ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да забранат користење на партиската инфраструктура за потребите на било кој кандидат. ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да овозможат делегатите да ја пријават секоја принуда, закана или притисок од било кој кандидат или негови официјални претставници. ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да забрани на официјални лица на раководни позиции да ја користат партиската инфраструктура во полза на еден кандидат. Да се овозможи на актуелните претседатели на општинските комитети и актуелните пратеници да бидат делегати на конгресот“, се наведува во писмото.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ утре ќе одржи седница на која што се очекува да се разгледува иницијативата за одложување на закажаниот Конгрес на партијата, на кој што треба да се избира нов претседател.

Сподели: