Вести Македонија Ударни вести

Чулев: Спасовски продолжува да го попречува функционирањето на техничката Влада

Сподели:

 

“Сакам да ја информирам домашната и меѓународната јавност дека техничкиот премиер Оливер Спасовски продолжува да го попречува функционирањето на техничката Влада, а со последните случувања во соработка со дел од стручните служби во Владата направи и кривично дело фалсификување на службена исправа и злоупотреба на службената положба и овластување.

На седницата на Владата што се одржа во саботата на 15 февруари последна на гласање беше ставена точката за поништување на пет решенија донесени од моја страна за распоредување на вработени во МВР. Со мнозинство гласови Владата во десет минути пред полноќ го усвои предлогот да се поништат ПЕТ решенија, (ПОВТОРУВАМ ПЕТ РЕШЕНИЈА) за што постои записник/стенограм. Нејасно е како оваа одлука експресно во координација со дел од службата во Владата и со одобрување од Оливер Спасовски е објавена во Службен весник Бр.41 од 15.02.2020 година, каде покрај ПЕТТЕ решенија чие поништување беше изгласано, се најдоа дополнителни 124 решенија за распоредување и 1 наредба за извршување на работа и работни задачи. Овие решенија воопшто не биле предмет на разгледување на членовите на Владата, ниту е донесена одлука за нивно поништување.

Имајќи предвид дека ситуацијата налага итно преземање на дејствија со цел да се спречи бришење, уништување или прикривање на докази, го повикувам ОЈО веднаш да преземе дејствија за обезбедување на доказите и да спроведе истрага, во спротивно ќе биде директно одговорно за неказнетото фалсификување на одлуката на Влада.

Сакам да ја искористам оваа прилика и да упатам апел до вработените во Владата кои со одобрување на Оливер Спасовски веќе го прекршиле законот, да се воздржат од дополнителни дејствија со кои ќе се обидат да ги уништат или менуваат доказите и ќе влијаат на понатамошно откривање на кривичните дела” – изјави министерот Наќе Чулев, на денешната прес-конференција.

Сподели: