ДЕБАКЛОТ НА БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИ ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Како реакција на антимакедонскиот митинг во Атина, одржан под паролата “Македонија е Грчка”, истиот ден еден од бугарските европратеници побрза да соопшти дека северниот дел на Грција , познат како Егејска Македонија, отсекогаш да ти бил дел од Бугарија, а населението чисто бугарско!

Ако се има во предвид дека ваквото тврдење доаѓа само неколку месеци по потпишувањето на македонско-бугарскиот Договор за пријателство и соработка, со кој меѓудругото се предвидува надминување на одделни историски предрасуди и јакнење на меѓусебната доверба меѓу двете држави и народи, тогаш се поставува дилемата: Дали тоа Софија, како и Атина и понатаму делат исти националистички позиции во поглед  на македонската држава и нејзиниот народ? Односно, какви безбедносни перспективи отвораат во регионот претензиите, при реално постоење на Република Македонија, членка на ОН и претедент за прием во НАТО и ЕУ, целата географска Македонија да се прогласува за грчка или бугарска. Па, нели актуелната влада во Софија помпезно објави дека со сите сили ќе го помага приемот на Р.Македонија во евро-атлантските сојузи и дека искрено ги поддржува нејзините усилби да се надмине спорот со Грција?

Поради тоа, се сомневам дека изјавата на евро-пратеникот и многу други слични на неа, што секојдневно се емитуваат од одделни бугарски политички кругови (во моментот кога е на повидок решавањето на нашиот спор со Атина) одат во тој правец и придонесуваат за градење на добрососедски односи. Посебно, што до сега за нив нема никакво оградување или дистанцирање од страна на официјалната бугарска влада.

Што се однесува на историските конотации содржани во таа изјава, може само со жалење да се констатира дека тие се повеќе плод на нереализирани историски фикции, отколку на едно зрело, разумно расудување потпрено на историски аргументи. Не знаеме од какви историски читанки учел овој евро-пратеник и дали тие биле пишувани во времето на Борисовското царство но, било доволно да прочита барем една од светските енциклопедии и да дознае по какви крвави балкански војни Македонија била поделена на три дела и како само еден нејзин дел, Пиринскиот, влегол во составот на бугарската држава. А дека во Втората светска војна, како сојузник на фашистичка Германија таа воспоставила окупаторска власт  во Вардарска и во дел од Егејска Македонија. Хронолошки настаните се одвивале по овој редослед: на 1. март 1941 година Бугарија и официјално ѝ пристапила на фашистичката оска, отстапувајќи ја својата територија за стационирање на 15 германски дивизии, кои што на 6. април навлегле во Грција. Со наредба на Хитлер, од 17. мај земјата била поделена на 3 окупациски зони: германска, италијанска и бугарска (дел од Западна Тракија до реката Струма и островите Тасос и Самотраки). Во септември истата година се кренало Драмското востание против бугарската окупаторска власт, крваво задушено, со околу 3.000 жртви. Во книгата “НОБ во Егејска Македонија”, д-р Ристо Кирјазовски наведува: “Драмското востание беше прв масовен отпор на бугарскиот фашистички окупатор во кој што заеднички се бореа македонските и грчките антифашисти”.

Следните неколку години се проследени со отворени бугарски претензии да се завладее и со другите региони на Егејска Македонија, поради што во Солун бил формиран “Солунскиот клуб”, како центар на велико-бугарската пропаганда и бугаризација на македонското население. За таа цел, од Вардарска Македонија биле донесени повеќемина бугарски офицери и агенти (Анадон Калчев, Ѓорѓи Димчев, генералите Василев и Атанасов), со задача во Воденско, Леринско и Костурско да формираат вооружени контра-чети, наводно да го бранат населението од злосторствата на грчките националистички одреди. Фактички, една од тактиките на Гестапо во борбата против антифашистичкото движење, било истовремено да се користат грчките “батаљони на смртта”, против ширењето на бугарското влијание а, од друга страна да се помагаат бугарските контра-четници против грчките екстремисти, со ветување дека по војната на Бугарија ќе и припадне цела Егејска Македонија.

Меѓутоа, со подемот на антифашистичкото движење во Грција и особено со формирањето на македонски национални организации, со свои партизански единици, бугарските планови доживееја целосен дебакл. Веќе кон средината на 1943 година, контра-четничките формации биле разбиени и тие повеќе немале речиси никакво влијание на теренот на Егејска Македонија. Пресудна улога во нивното уништување имале организациите МАО (Македонска антифашистичка организација), формирана во 1942 година во Воден и ТНОФ за Костурско и Леринско, чиј одред “Лазо Трповски”, во 1943 година им нанесол завршен удар на пробугарските Охранџиски чети, заробувајќи стотина нејзини припадници, кои што подоцна им се приклучиле на македонските партизански единици.

За жал, мали остатоци од тие чети до крајот на војната останале во служба на германските војски, вршејќи свирепи злодела врз македонското население. Еве како историчарот Тодор Симовски, и самиот жртва на контра-четничките прогони, во текст објавен на 9.јануари 1972 година, во “Нова Македонија” го опишал апсењето во 1944 година на повеќе македонски жители од Воден, меѓу кои и членови на моето пошироко сeмејство, од страна на вооружени припадници на бугарската ОХРАНА: “Оваа банда, откако ја ограби куќата на Вангел Ајановски (основачот на МАО), ја фати неговата стара мајка Олимпија, на која косата и ја врзаа за камионот и така ја влечеа до нивниот логор. Притоа, со себе ги зедоа како пленици и сопругата му Велика, малиот четири годишен син Џоџо (Георги Ајановски), сестричката Дора, мајка ѝ на Велика баба Риса Дончева, како и жената на неговиот брат Катина. Сите тие удирани со кундаци од пушките им беа предадени на германците и држани во затвор.”

Според тоа, тврдењата на софискиот евро-пратеник за бугарскиот карактер на Егејска Македонија, во најмала рака се бесмислени и смешни, бидејќи денес веројатно во бугарските архиви се чуваат (или се кријат) мноштво сведоштва за тоа како бугарските окупатори поминале во овој дел на Македонија и како при крајот на војната обезгаќени спасувале глава, пред гневот и одмаздата на измаченото македонско население.