Демант за Трајанов: Уставниот суд не го отфрли предметот за измените на КЗ, се води постапка

Сподели

 

Уставниот суд ги демантира тврдењата на претседателот на Демократски Сојуз, Павле Трајанов  искажани во емисијата „Аргумент Плус” на ТВ24 , емитувана во живо во 17:45  часот на 30.01.2024. Имено во 17 минута од емисијата господинот Трајанов споделува информација дека Уставниот суд ја отфрлил неговата иницијатива која се однесува на Законски измени на Кривичниот законик. Станува збор за неточна, непроверена информација со која се манипулираат гледачите, бидејќи Уставниот суд сеуште води постапка за овој предмет и до овој момент нема донесено одлука. 

Судот остро реагира на констатацијата со која Трајанов објаснува дека како подносител побарал од Судот да се изрече т.н времена мерка и нагласува:

 „Да донесе времена мерка, да не се имплементира, да не се спроведуваат измените на Кривичниот законик, тие ја отфрлија таа иницијатива,а јавно коментираше, вклучително и претседателката на Уставниот суд дека апсолутно не поддржува вакви измени на Кривчниот законик”…

Покрај тоа што е неточна информацијата дека Судот ја отфрлил иницијатива, не е точно и тврдењето дека подносителот Павле Трајанов побарал т.н. времена мерка во овој предмет. 

Ваквиот контекст на претставување на предметот како завршена работа, освен што нанесува штета на угледот на Судот, поттикнува искривување на перцепцијата за факти кои Судот во изминатиот период јавно ги споделил. Имено, Уставниот суд согласно принципите на транспарентноста кои ги негува на 13 октомври 2023 година ја информираше јавноста дека е формиран предметот 162/2023 по поднесена иницијатива од Павле Трајанов и во кој е оспорен Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Дека на предметот се работи потврди и претседателката на Уставниот суд во неколку јавни настапи пред медиумите. 

Уставниот суд ги потсетува сите субјекти кои се сметаат дека се релевантни да зборуваат за работењето на Судот и за постапките кои се водат, пред да ги изнесат информациите во јавноста, прво да ги проверат, на тој начин да ги заштитат граѓаните од дезинформации, лажни вести и да поттикнат култура на информирање со точни податоци и со факти. 

Со оглед дека станува збор за тврдење кое е преземено и од други портали, а притоа се работи за предмет од јавен интерес за кој постојано се споделуваат непроверени информации во јавноста, Судот овој демант го споделува со сите медиуми.