Јапонскиот премиер Абе го распушти парламентот

Сподели

Премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, официјално го распушти долниот дом на јапонскиот парламент, за да се одржат предвремени избори на 22. октомври.

Откако претседателот на парламентот, Тадамори Ошима, го прочита писмото на Абе за распуштање на парламентот, пратениците ги подигнале рацете и три пати го повториле традиционалниот јапонски израз „банзаи“, со значење „вечен нека е“.

По распуштањето на парламентот, Абе им се обрати на членовите на неговата партија и им рече дека на претстојните избори ќе станува збор за заштита на Јапонија, човечките животи и мирното секојдневие.
– Изборите се за иднината на нашите деца – изјави Абе.

Владата го одобри 22. октомври како датум кога ќе бидат одржани вонредните парламентарни избори за долниот дом на парламентот.