Ден на Државниот архив – изворно сведоштво за државното постоење и за нашиот идентитет

Сподели

 

На 1 април 2020 година, се навршуваат 69 години од формирањето на Државниот архив и тој ден се одбележува како ден на сите архивски работници.

На 1 април 1951 година, со назначувањето на првиот директор е формиран Државниот архив на НР Македонија, денес – Државен архив на Република Северна Македонија. Чинот на основање на Државниот архив претставува еден од најзначајните настани во нашата понова историја, а Архивот за нашата држава и нашиот народ претставува изворно сведоштво за државното постоење и континуитет, како и за нашиот идентитет.

Во рамките на Државниот архив работат девет oдделенија, и тоа во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Струмица и Тетово, кои се формирани во периодот од 1951 до 1962 година.

Државниот архив денес е современа архивска институција со статус и ингеренции на државен орган, со околу 300 вработени лица.

Една од суштинските цели на дејноста на Државниот архив на Република Северна Македонија е да го презема и трајно да го чува јавниот архивски материјал и да обезбедува услови за негово непречено и транспарентно користење.

Во Државниот архив се чуваат 7.769 архивски фондови, околу 70.000,00 архивски книги, 382 збирки, мноштво на микрофилмуван архивски материјал, а интензивно се работи и врз дигитализација на приоритетните историски фондови. Најстариот документ што се чува во Архивот потекнува од 12 век, а тоа е Евангелието на Св. Апостол Лука.

Со надеж дека наскоро ќе можеме да го прославиме овој датум со организирање на соодветен настан и презентирање на изложба со архивски документи, на сите архивисти им го честитаме Први април, денот на Државниот архив – изјави директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.