Стопанска банка ја одложува наплатата на кредитите до 6 месеци

Сподели

 

Стопанска банка – Скопје ја објави понудата за одложување на ратите за клиентите во наредните 6 месеци, со што ќе помогне граѓаните, нејзините клиенти да ги надминат финансиските ефекти од корона-кризата.

За фирмите погодени од кризата, банката воведува и олеснувања во сервисирањето на обврските кои во зависност од природата на потребата ќе бидат усогласени со секое правно лице поединечно.

„Можностите за правните лица вклучуваат соодветно прилагодување или одложување на отплатата на кредитите, можности за рефинансирање, како и понуда на кредитна поддршка за ликвидносни потреби“, се вели во јавната понуда.

За граѓаните тоа ќе оди по автоматизам. Можноста да ги одложат ратите се однесува на оние клиенти – физички лица кои одржуваат постојана деловна соработка со банката и кои заклучно со 29.02.2020 година биле со статус А, Б или В (редовен статус). Промена на договорните услови за користење на кредитни производи е валидна во следните 10 денови и за тоа не е потребно да се оди на шалтер, односно во банка, бидејќи тие стануваат активни по автоматизам.

„Понудата е валидна за физички лица кои одржуваат постојана деловни односи со Банката.

Клиентите физички лица, со понудата добиваат 6 месеци одложено плаќање за сите обврски доспеани од 29.02.2020 година по основ на сите кредити, кредитни картички и дозволено пречекорување заклучно со 30.09.2020 година“, се вели во соопштението на банката.

Така, на граѓаните – корисници на кредити со месечни рати (како што се: станбен, потрошувачки и автомобилски) банката овозможува да ја одложат отплатата за сите кредитни производи во период од 6 месеци и продолжување на рокот на отплата за дополнителни 6 рати/месечни ануитети. Камата ќе продолжи да биде пресметувана во периодот на одложување на отплатата, согласно важечките каматни стапки. Главницата, каматата и трошоци кои се доспеани, а не платени се до моментот на одложување на отплатата, ќе бидат регулирани со крајот на периодот од 6 месеци, со распределба во новиот продолжен период на отплата на производот.

За клиентите- физички лица корисници на револвинг кредитни производи (Visa/MasterCard кредитни картички или Мој Кеш), Банката ќе пристапи кон одложување на отплатата за период од 6 месеци. Редовна камата ќе се пресметува, согласно важечките каматни стапки, но износот на пресметана камата ќе доспева со крајот на периодот на одложување на отплатата.

На граѓаните кои користат дозволено пречекорување на трансакциска сметка, банката им нуди обнова на сите дозволени пречекорувања кои би истекле пред 30.09.2020 и во текот на целиот период нема да биде предмет на намалување.

„Ги повикуваме сите наши клиенти детално да ја проучат понудата објавена на нашата веб страница и да постапат согласно дадените насоки. Клиентите кои ја прифаќаат понудата не треба да се обратат до банката, а доколку клиентите не сакаат да ја прифатат понудата потребно е да се обратат до банката најдоцна до 10.04.2020 година до 23:59 часот преку covid19@stb.com.mk“, се вели во соопштението.

Како што нагласуваат од Стопанска банка – Скопје, овие мерки се од големо значење и се однесуваат на клиентите кои најсилно ги чувствуваат ефектите од кризата. Оттука, банката апелира клиентите кои ќе продолжат да бидат во можност да ги отплаќаат своите месечни обврски, така и да постапат. Со тоа всушност помагаат економските мерки од сите банки и од државата да имаат ефект за погодените субјекти и дотолку повеќе помагаат за побрзо закрепнување на економијата по кризата.

„Од финансиски аспект, Стопанска банка е подготвена да ги апсорбира ефектите од економските мерки и да го надмине шест месечниот период, но и се подготвува по надминување на пандемијата уште еднаш да застане покрај стопанствениците и населението со современи банкарски услуги и производи -соопштуваат од Стопанска банка.