Денеска е ден на жалост во Македонија

Сподели

Денеска е ден на жалост во Република Македонија. Одлуката ја донесе Владата на вчерашната вонредна седница.

13900286_10154066318509550_5579467956319168717_n

 

„Владата донесе одлука за постоење кризна состојба во скопскиот и тетовскиот регион во траење од 15 дена, како и одлука за доделување еднократен паричен надомест во висина од 300.000 денари за семејствата на загинатите граѓани“, се вели во соопштението од Владата.

Како што се наведува, Дирекцијата за заштита и спасување е задолжена целокупната опрема, од сите региони во државата, да ја стави на располагање во кризните региони, а на општините кои располагаат со вакуум цистерни им се препорачува да ги стават на располагање на Град Скопје.

„Владата ја задолжи Дирекцијата за заштита и спасување веднаш да изврши ангажирање на дополнителна градежна механизација (скипови, багери и камиони), преку склучените договори за користење на градежна механизација од приватните фирми и веднаш да бидат пратени и ставени во функција во кризните подрачја“, се вели во соопштението.

Донесена е одлука за доделување нафта за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Македонија пат“, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи. Заклучено е Јавното претпријатие за државни патишта да изврши санирање на обиколницата која беше оштетена во невремето.

Од МВР информираат дека 22 лица загинаа во поплавте. Од нив, 20 лица се идентификувани, а за две лица се чека да биде потврден идентитетот. Починатите лица се пронајдени на подрачјето на Гази Баба односно: Ченто, Стајковци, обиколница Смилковци и селото Црешево. Првичните информации од трагичниот биланс говорат и дека шест лица се водат како исчезнати, дваесетина се повредени, поплавени се многу куќи и објекти, направена е голема материјална штета.