Денеска е рочиштето за екстрадиција на Грујовски и Бошковски во судот во Солун

Сподели

Во судот во Солун денеска почна рочиштето по барањето на македонските власти за екстрадиција на поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Таргет“ и „Тврдина“.

Адвокатот Петар Василев за државната новинска агенција МИА изјавил дека судењето почнало, но дека рочиштето е затворено во јавност. Во меѓувреме, како што изјавил Василев, дадена е пауза „за да ги разгледаат документите што ги достави Министерството за правда, по што постапката ќе продолжи“.

Грујовски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун. Инаку, на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.