Вести Македонија Ударни вести

Денеска започнува кампањата за референдумот

Сподели:

Денеска официјално започнува кампањата за претстојниот референдум кој ќе се одржи на 30. септември и на кој граѓаните треба да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“.

Носител на кампањата е Собранието на Република Македонија, а претседателот на парламентот Талат Џафери најави дека ќе ја водат кампањата транспарентно, непосредно и директно, без дискриминација, предрасуди и со почитување на волјата на секој граѓанин.

Во кампањата на Собранието ќе се вклучат 71 пратеник од сите пратенички групи, со исклучок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која го известила Џафери дека нема да учествува во кампањата и дека бара средствата да бидат потрошени за други цели.

Тој ги повика сите учесници во кампањата да се однесуваат соодветно, коректно и достојно со цел граѓаните на 30 септември да ја донесат вистинската одлука.

Собранието ќе откупи простор во некои од 65–те медиуми кои до 10 август доставиле ценовник до Државната изборна комисија за референдумот. Медиумскиот план ќе биде објавен на веб-страницата на Собранието и пратениците ќе ја реализираат кампањата на телевизиите и радијата и за претставување на своите ставови ќе имаат девет минути во еден час.

За време на кампањата не се очекува да се одржат пленарни седници во Собранието, но претседателот на Парламентот не ја исклучува можноста да има итна седница доколку за тоа има потреба.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски соопшти дека оваа недела ќе излезат со официјален став за референдумот. Останатите парламентарни партии се уште не излегле со конкретни информации за тоа кога и како ќе водат кампања.

Сподели: