Вести Македонија Ударни вести

Џафери: 8.февруари е денот на распишување на претседателските избори

Сподели:

Денот на распишување на претседателските избори е 8 февруари 2019 година, соопшти претседателот на Собранието, г. Талат Џафери на денешната редовна средба со претставниците на медиумите. Собранието ќе ги извршува своите обврски се до почеток на законски предвидената изборна кампања. Изборите ќе се одржат на 21 април, првиот круг и 5 мај 2019 година вториот круг. 

Осми февруари е крајниот рок со кој се обезбедуваат минимум 70 дена од денот на објавувањето до денот на одржувањето на изборите согласно со Изборниот законик.

Заедно со претседателските избори, ќе се одржат и локални избори за трите испразнети градоначалнички места. Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот Џафери рече дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори ќе ја стави на разгледување на пленарна седница, доколку партиите обезбедат техничка влада, 100 дена пред избори.

Доколку партиите се договорат за избори без Пржинска влада, тогаш треба да се обезбедат 61 пратенички потпис за самораспуштање на Собранието.

Претседателот Џафери рече дека Собранието ги направи подготовките кои се во негов домен за одржување на претседателските избори, а се надева дека до 8 февруари ќе се запази рокот за избор на нова Комисија за спречување на корупција и судир на интереси. Тој не поддржува предвремени парламентарни избори и тоа поради довршување на започнатите процеси во државата и  го повтори ставот дека тој е претседател на законодавниот дом. 

За изјавата на пратеникот Емил Димитриев за ангажирање на експерти во Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, претседателот Џафери упати на членови во Законот во кои е наведено дека обврска на Комисијата е да донесе Деловник и да предвиди ангажирање на експерти, но тоа досега не е направено. Неопходни се измени на Законот за да се предвидат средства за ангажирање на експерти а тоа не може да биде од Буџетот на Собранието, бидејќи тоа би било за ненаменско трошење.

Претседателот Џафери рече дека има остварено комуникација со амбасадорот на Република Грција и има иницијатива за билатерална или трилатерална средба на претседателите на парламентите во регионот, вклучувајќи го и Собранието на Албанија. Не се исклучува можноста претеседателот да оди на посета во Атина, или обратно, претседателот на Собранието на Грција да дојде во Скопје. Тој посочи дека тие врати веќе се отвораат и нудат нови перспективи за соработка.

Претседателот на Собранието, Џафери, од денеска согласно Законот за употреба на јазиците, седниците ќе ги води на албански јазик.

Сподели: