Вести Македонија Ударни вести

Џафери: Несериозно би било да се размислува за предвремени избори

Сподели:

Би било несериозно било кој да размислува за предвремени парламентарни избори оваа година, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на редовниот брифинг со новинари.

– Избори може да има секогаш кога пратениците ќе одлучат да се самораспуштат. Но, во сериозна држава во која сериозни работи треба да се случат, несериозно би било било кој да размислува за предвремени парламентарни избори оваа година. Ако некој го направи тоа значи дека сака да профитира политички, а не да мисли на интересите на државата – рече Џафери.

За стапување во сила на законот за употреба на јазиците, Џафери вели дека тоа не е негова индивидуална одговорност и задача туку на владејачката коалиција.

– Јас го потпишав законот во истиот момент кога беше донесен. Тоа што требаше да се направи од моја страна е направено. Ќе го испратам во Службен весник кога ќе дојде време за да не се направи од еден проблем  – три. Владејачката коалиција треба да најде формален начин законот да стапи на сила – смета Џафери.

Според него, фактичката состојба е дека претседателот го крши Уставот, но дека доколку се прати во „Службен весник“ без негов потпис нема да биде прекршување на Уставот.

– Никакво кршење на Уставот нема да се случи ако се донесе во „Службен весник“ само со мој потпис. Моја уставна должност е да се донесат законите, а претседателот со непотпишување на законот неовластено презема законодавна функција. Тој сега се повикува на имунитетот, но еден ден имунитетот ќе заврши, а кривичното дело злоупотреба на службената должност не завршува – потенцира Џафери.

Како идни активности на Собранието, Џафери најави задутре седница за пратенички прашања, гласање за реконструкцијата на владата в петок како и пленарна седница на 11 јуни на која треба да се гласа етичкиот кодекс договорен при процесот „Жан Моне“ во Охрид и да се објави конкурс за членови на ДИК кој ќе трае осум дена.

Седницата за гласањето на новите министри може да трае до полноќ в петок, а за заменици министри може да се гласа и во сабота.

– Се зависи од самите пратеници. Договорени сме во петок, поради рамазанските пости да имаме пауза од 19 до 21 часот за оние кои постат да можат да одат на ифтар. Ако не завршиме со гласањето и на замениците министри ќе работиме и во сабота – вели Џафери.

По реконструкцијата на Владата, Џафери вели дека пратениците од движењето Беса ќе треба да изнајдат решение затоа што не може дел од пратениците од иста пратеничка група да се во владејачкото мнозинство, а дел во опозицијата.

meta.mk

Сподели: