Џафери: Охрабруваме и поздравуваме различни видови на младински активизам и придонес за општеството

Сподели

 

“Денес е Меѓународен ден на демократијата и јас не можам а да не го споделам со вас чувството на среќа и гордост што можам да ве поздравам во мое име, и од име на пратениците во законодавниот дом, вас, младите колеги и членовите на младинските организации, и да ви честитам за тоа што сте посветени, решителни и неуморни во вашиот активизам.

 

 

Пред две години ја одбележавме 20-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за парламентарна демократија и 10-годишнината од прогласувањето на 15-ти септември за Меѓународен ден на демократијата. Денот го одбележавме со малку поинаков состав, односно, респектабилни, искусни поранешни претседатели и пратеници во Собранието, личности кои придонеле со сиот свој капацитет за градењето на вистинска парламентарна демократија во која ќе растат, ќе се развиваат и напредуваат младите генерации, односно вие. Нивното искуството, споено со енергичноста, креативноста, упорноста на младите, е исклучителна комбинација! И, морам да признам дека оваа глетка ми се допаѓа повеќе.

Во Собранието основан е Клубот за младински прашања и политики како неформално тело во кое членуваат пратеници од сите пратенички групи, без да бидат оптоварени со дневната политика на политичката партија од која доаѓаат. Нивната единствена цел е, креирање на младински политики меѓутоа, давајќи им можност токму на тие млади да учествуваат со изразување на своите гледишта, зборувајќи за работите онака како што тие самите ги чувствуваат на своја кожа и придонесувајќи со предлози за изготвување на најдобри можни политики и законски решенија за подобрување на положбата и животот токму на  младите. А каде друго ако не во храмот на демократијата, во домот на граѓаните? Да, токму овде е вашето место, местото каде што вашите иницијативи, вашите предлози ќе бидат слушнати, ќе обединат пратеници од различни партии, етнички заедници, вери и пол за да ги спроведат во реалниот живот.

Охрабруваме и поздравуваме различни видови на младински активизам и придонес за општеството, затоа што веруваме дека демократија, без формите на активизам и без активно учество на граѓаните, пред се на младите во процесите на креирање на политики, е ранлива и секогаш на раб на опстанок. Како што вели и Роберт Хачинс, цитирам „Смртта на демократијата веројатно нема да биде атентат од заседа. Тоа ќе биде бавно истребување поради апатијата, индиферентноста и неисхранетост на демократијата“.

Денеска со гордост ги поздравуваме младинските иницијативи кои добиваат награди во светот, кои се посветени на подигнување на свеста за спречување на насилството, за животната средина и за правата на лицата со попреченост, но и ги охрабруваме, особено вас драги средношколци што денеска сте наши гости во Собранието, да се активирате, да создавате иницијативи, да ја искористите сета своја креативност за да придонесете кон општествените промени и  „Каде што гледате грешка, нееднаквост или неправда, кренете го гласот, затоа што ова е ваша земја. Ова е ваша демократија. Градете ја. Чувајте ја. Пренесете ја понатаму“, цитат на Тургод Маршал, активист за граѓански права од САД, затоа што секој глас е важен, секој крик е знак дека сте живи, дека сте свесни, совесни и одговорни граѓани, во исто време и храбри да го изговорите гласно тоа што не чини, тоа што е неправедно или штетно. Бидете моторот што ќе го отвора патот кон поубава и посреќна иднина, за сите што живееме во оваа прекрасна земја која иако мала по територија, ги има сите предуслови да  биде земја за пример. Тоа што сме мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество е огромна предност за нас, затоа што тие различности не збогатиле со спознавањето на убавината да научиш да живееш и градиш иднина со различните, да ги разбираш и почитуваш обичаите на другите, да ги празнуваш заедно празниците и да сочувствуваш тогаш кога се несреќни. Бидете солидарни, бидете отворени и полни почит за секој поединец, затоа што само преку инклузија на сите ќе создадеме услови за економски, социјален и културен развој на сите нас, затоа што цело е кога има се, сликата е убава само кога е целосна и среќата е поголема само кога се сите среќни на неа. Бидете гласот на помалку моќните, затоа што слободата на говорот е човечко право и е темелот врз кој е изградена демократијата, без слобода на говор, нема демократија.

Токму затоа денеска заедно со вас го одбележуваме Денот на Демократијата и ве потсетуваме дека само активните граѓани се чувари на демократијата и водилка за општествени промени! Бидете вие таа водилка, а ние, политичарите ќе бидеме вашата поддршка и сила!

Честитки за добитниците на награда и честит Меѓународен ден на демократијата! – изјави Претседателот на Собранието, Талат Џафери.