Џафери со честитка по повод 1 мај, Меѓународниот ден на трудот

Сподели

 

Од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име  упатувам честитки по повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, денот на работниците кои претставуваат огромна заедница со чиј што труд, придонес и посветеност сме тоа што сме или пак, без кои никогаш не би биле тоа што сме, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Секој момент, секој атом енергија што го трошат за да обезбедат нормално функционирање на нашето секојдневие, за да има леб на трпезата, за да имаме покрив над главата, за да се образуваат и лекуваат нашите деца, нашите граѓани, треба да не потсети дека не само денес, туку секој ден, секој час треба да се бориме сите за почитување на работничкиот труд и работничките права, за обезбедување на пристојни работни услови, за заштита на работните места и постојано креирање на нови, за достоинствена плата и еднакво вреднување на работата на секој работник или работничка, без дискриминација.

Деновиве бевме сведоци на штрајк заради усогласување на примањата на просветните работници и јас жалам што оваа ситуација чија што колатерална штета сепак се нашите најмали и најмили, во сите фази од образовниот процес, кои ако се земат предвид вонредните услови наметнати од повеќегодишната пандемиска криза, и онака претрпеа огромни загуби и имаат празнини во тој образовен процес, трае предолго и не се наоѓа заеднички јазик и разбирање. Се надевам дека со обострана искрена намера и волја набрзо ќе се постигне договор и ќе се продолжи онаму каде што се застана. Децата не смеат да трпат, тие се нашата иднина, иднина на нашата држава.

Градењето на рамноправна заедница која се грижи за доброто на сите свои граѓани и ја стимулира желбата за личен и колективен придонес е одговорност и водилка за сите нас, за менување кон подобро за сите нас.

Честит 1 Мај, бидете живи, здрави и рамноправни!