Џафери со честитка по повод Денот на наставата на турски јазик

Сподели

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери упати честитка по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик, до сите сограѓани, припадници на турската заедница во Република Северна Македонија.

“Драго ми е што овој празник со кој институционално и како граѓани на Република Северна Македонија изразуваме почит кон културата, идентитетот и посебноста на турската заедница, која е неделив дел од општественото ткиво на Република Северна Македонија, го чествуваме со посебен акцент на образованието, творењето и негувањето на турскиот јазик кои се најдобра храна за душата и умот на еден народ. А во земја во која живеат припадници на повеќе различни етнички заедници, суштинско е овозможувањето на творење, функционирање и употребување на мајчиниот јазик на секоја заедница, за да се воспостават односи на искрена почит, доверба и лојалност кон државата, меѓутоа и да се придонесе кон подобро запознавање на различностите кои не прават уникатни. Несомнено дека турскиот јазик, култура и обичаи се толку одомаќени и се дел од сите култури, обичаи и јазици кои постојат и се активни во нашата земја, што не ги ни чувствуваме како далечни и непознати, туку само ја збогатуваат сликата.

Уште еднаш, дозволете да Ви упатам искрени честитки и да Ви посакам светлината на образованието секогаш да ви го осветлува патот и мислата!” – изјави Џафери.