Вести Изјави Македонија Ударни вести

Џафери: Жалам што како возрасни не успеавме да изградиме побезбеден свет за сите деца

Сподели:

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на настанот „Децата го преземаат Собранието“, се обрати од говорницата, со што им посака добредојде од име на пратениците во Собранието. 

 

 

“Драго ми е што на овој значаен јубилеј, на 30-годишнината од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и 30 години од работата на УНИЦЕФ, вие го одбравте токму Собранието како претставничка институција на граѓаните да го одбележите овој ден. Вие сте идните граѓани на оваа земја и оваа денешна пленарна седница е можност за ваше информирање, за тоа која е улогата на законодавниот дом, која е моќта на законите кои се гласаат тука и колку е важна надзорната улога што ја имаат избраните пратеници врз извршната власт, односно министрите кои ги ставаат во живот пишаните законски одредби.

Затоа е одлична идејата да можете тука од говорница да ги искажете потребите, грижите и решенијата кои вас како деца и млади ве засегаат и ги чувствувате најдиректно врз вас и вашиот живот. Пред да го изразите вашиот немир, сакам да ве уверам дека ниту ние возрасните не сме имуни на промените низ кои поминувате и вие како деца, заедно со сите нас во ова време на променети услови за живот, учење, растење, во ова време на сериозни закани за жал и по безбедноста на животот на децата.

Жалам што како возрасни не успеавме да изградиме побезбеден свет за сите деца. Свет во кој ниту едно дете нема да биде лишено од семејната топлина, од мирниот сон во својот дом и од топол оброк, отворени училишни врати и квалитетна здравствена нега кога ќе е потребна. Вие сте наша одговорност, наша совест и тоа што го правиме, она на што ве учиме и за што ви даваме личен пример е тоа во што ќе го претворите светот и вие во иднина,” изјави Џафери.

 

 

“Затоа, денес, ние возрасните ќе слушаме внимателно што ќе споделите вие и ќе се насочиме кон подобрување на состојбите во некои од областите што ве тиштат, како на пример во образованието, вашето ментално здравје и вашето учеството во креирањето на политиките. Знам дека ова не се вашите единствени грижи, меѓутоа, кога се има јасна визија и искрена волја за менување на нештата, ниту една цел не е недостижна. Ниту едно дете не смее да е надвор од квалитетен образовен систем, систем кој ќе се прилагоди на новото време и ќе овозможи личен развој на учениците. Во тој круг на трансформација мора да бидат вклучени подеднакво и учениците, и наставниците и родителите!

 

 

Дигиталната безбедност е уште една област во која тој круг на соработка помеѓу учениците, наставниците и родителите е неопходна за превенирање на оштетување на вашето ментално здравје. Немојте да се двоумите да побарате помош во тој круг кога ќе ви треба. Тоа нема да ве направи слаби, туку мудри. Вие не сте сами! Вашето учество во креирањето политики ќе внесе свежина и енергија и јас целосно ве поддржувам во исполнувањето на целта за формирање на Национално собрание за млади кое ќе биде моторот кој што ќе креира приоритети и политики за застапување на Вас, младите, на најдобар начин.

Ова е и Ваш дом, како што е ваш и светот кој што останува на вас! Чекорете храбро и сигурно!”

Сподели: