Џафери-Зупанчич: Целосна поддршка на евроинтеграцискиот процес на РС Македонија

Сподели

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој престојува во официјална посета на Република Словенија, денес оствари средба со неговата колешка, претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич.

 

 

На средбата присуствуваа и пратениците Александар Велјановски, претседател на Пратеничката Група за соработка со Парламентот на Република Словенија и членовите Бети Рабаџиевска – Наумовска и Берат Ајдари, кои се дел од собраниската делегација и амбасадорката на Република Северна Македонија во Република Словенија, Сузана Зеленковска. На средбата беа потврдени блиските пријателски односи и плодната повеќедецениска соработка меѓу двата парламента на сите основи.

Претседателот Џафери изрази неизмерна благодарност за безрезервната и проактивна поддршка на Република Словенија за остварувањето на нашите највисоки државни приоритети, членството во НАТО и зачленувањето во Европската унија. Информираше за тековните активности на домашен план, особено процесот на скрининг и за начинот и постапката за донесувањето на уставните измени. На меѓународен план, беа издвоени државните приоритети за помош на Украина, претседателствувањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ и Процесот за соработка со Југоисточна Европа оваа година и нашиот планиран придонес за унапредување и промовирање на нивните цели, принципи и вредности.  

 

 

Претседателката Зупанчич повика на интензивирање на меѓусебната соработка меѓу двата парламента и меѓу двете држави, особено во времиња кога светот се справува со кризи од глобални размери во изминатите години, наведувајќи ги пандемиската, воената, енергетската и економската криза како прашања за неопходно заедничко делување. Истовремено, искажа целосна поддршка на евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија и продолжување на заложбите на Република Словенија, процесот на преговори да се води исклучиво на реформска основа, на усогласување на домашното законодавство со европското законодавство и маргинализирање на билатералните и историските прашања во овој процес. Во таа насока, ги поздрави напорите за продолжување со неопходните чекори во Собранието на Република Северна Македонија за отворање на кластерите и поглавјата во текот на преговорите.

Двајцата соговорници се согласија соработката да продолжи на сите полиња од взаемен интерес, на ниво на претседатели на билатерален план, но и во рамките на меѓународните парламентарни собранија и иницијативи, на ниво на пратенички групи и за соработка и пријателство и на ниво на парламентарни комисии, со фокус на словенечките искуства во процесот на пристапување за членство во Европската унија.