Четворица државни службеници на студии на Меѓународната антикорупциска академија

Сподели

 

Државната комисија за спречување корупција им честиташе на четворицата државни службеници (Билјана Каракашова Шулев, Бранко Смиjевски, Сања Костадиновски и Милка Муратовска), кои во висока конкуренција, беа избрани за спонзорирани студии на Меѓународната антикорупциска академија (IACA) во Австрија. Ова е шанса преку која избраните кандидати ќе се стекнат со меѓународно призната диплома за магистерски студии во областа на анти корупцијата.

Оваа извонредна можност се реализира преку проектот финансиран од ЕУ „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“. Г -ѓа Мојка Кузмички, тим лидер на проектот, која се придружи на членовите на ДКСК во честитките, нагласи дека една од компонентите во проектот е посветена на подобрување на превенцијата и борбата против корупцијата преку поддршка на Државната комисија за спречување корупција во различни сегменти од нивниот мандат. Таа објасни дека проектот ќе поддржи вкупно 12 кандидати – државни службеници вработени во избрани институции во текот на пет години.

Магистерската програма нуди ригорозна, разновидна и иновативна програма за борба против корупцијата. Програмата во себе содржи различни академски дисциплини неопходни за обезбедување сеопфатен увид во спречувањето на корупцијата и системот за усогласеност со регулативата, истовремено нудејќи практично знаење и експертиза. Целта е преку вмрежување и градење на тим, дипломираните студенти да се приклучат на широката алумни мрежа на професионалци од областа на спречувањето на корупцијата.

Особено радува фактот што четворицата студенти претставуваат професионалци од различни бранши, односно спектар на професии и институции, сите од витално значење за спречувањето на корупцијата, односно се вработени во Државната комисија за спречување корупција, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и Народниот правобранител. Бидејќи студентите се обврзани да останат вработени во јавниот сектор во Република Северна Македонија, работејќи на теми поврзани со антикорупцијата 4 години по добивањето на магистерската диплома, сметаме дека тие ќе дадат сериозен придонес во борбата против корупцијата во земјата, информираат од ДКСК.

 

Државната комисија за спречување корупција на избраните студенти им посакува успех во студиите и со нетрпение очекува да ги следи и да ги поддржува во нивните успеси.