Вести Македонија Ударни вести

До крајот на јули проект за заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија

Сподели:

 

Проектната документација за изградба на заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија кај Табановце ќе се комплетира до крајот на јули. До овој датум, консултантите се очекува да ја достават документацијата за идниот пристапен пат кој треба да го поврзе железничкиот со патниот премин кај Табановце, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за транспорт и врски. Веќе е изработен проектот за изградбата на идниот граничен објект со планирана површина од 2.500 метри квадратни, во кои ќе бидат сместени полициските службеници, цариниците, инспекторите и железничките работници на двете земји.

Од Министерството за транспорт и врски чекаат повратен одговор од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обезбедување на преостанатите 50 отсто од проценетата инвестициска вредност на проектот, по што би се започнало со постапка за избор на изведувач и надзорен инжењер за изградба на заедничкиот железнички граничен премин. Тендерската документација за изградба на самиот објект веќе е подготвена.

Заедничката контрола на службениците од двете земји во железничкиот сообраќај би почнала да се применува во периодот по 2023 година. Меѓу Македонија и Србија веќе функционира системот „One Stop Shop“ за заедничко гранично управување во патниот сообраќај. Со нејзиното воведување и во железничкиот сообраќај, времето за патување со воз меѓу двете земји би се скратило за половина час кај патничките возови, како и за 90 минути во товарниот сообраќај. На тој начин, железничкиот сообраќај би постанал конкурентен со патниот транспорт во однос на брзината на превозот.

Проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин кај Табановце е во вредност од 5,2 милиони евра, од кои досега се обезбедени 2,7 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ). Финансиската конструкција ќе се заокружи со планираниот заем од ЕБОР. Идниот објект ќе се гради до постојната железничка станица во Табановце, а целокупниот проект ќе го реализира македонската страна во согласност со веќе комплетирани вакви гранични премини во земјите-членки на ЕУ.

 

мета.мк

Сподели: