Трагедијата на Сребреница да влезе во училишната програма во Србија

Сподели

„Јас на седницата кога се избираше Владата на Србија поставив прашање кој од функционерите на Србија оваа година ќе биде претставник од јасна причина што сметам дека тоа е обврска на Владата на Србија, најголемите претставници да покажат искрена намера за затоплување на односите и соочување со историјата која најдобро може да се уреди во овој момент и на ова место“, рече денес пратеникот во Собранието на Србија и претседател на Лигата на социјалдемократите на Војводина, Ненад Чанак, во Сребреница, говорејќи за неприсуството на функционери од Србија, јавува Anadolu Agency (AA).

„Зошто тоа не е направено, не знам, ние сме тука секоја година, исклучиво поради сопствената свест“, додаде тој.

Чанак посочи дека актуелниот градоначалник на Сребреница, Младен Грујичиќ, го негира геноцидот во Сребреница и поради тоа не е добредојден на денешното одбележување, и смета дека ваквата трагедија никој не смее да ја користи во дневната политика бидејќи тоа е навинстина грев кој на овој или на оној свет, мора да се плати.

Тој рече дека е добра вест тоа што е откажан собирот за поддршка на Ратко Младиќ во Бања Лука, но е лоша вест тоа што некој воопшто се сетил да организира таков собир.

„Мислам дека е во прашање нешто друго, навиката да се продава таа смрдлива шовинистичка магла, залажувањето на луѓето премина веќе во навика на одредени политички кругови, па просто посакаа уште малку тоа да го прават и уште малку на луѓето да им го оттргнуваат вниманието од реалниот живот. Со вистината мораме да се соочиме поради иднината. Тука нема никаков изговор и тука бараме по којзнае кој пат и којзнае која година, трагедијата на Сребреница да влезе во училишната програма во Србија и за неа отворено да се зборува. Меѓутоа, тоа би значело, секако, не само да се зборува за жртвите, туку и за џелатите, а кога се зборува за џелатите, не може да се заобиколи улогата на одредени луѓе кои и ден-денес се на власт во Србија и тогаш одеднаш, кога такво нешто ќе се случи, наидува на блокада“, рече Чанак.

На прашањето кој кого во Владата на Србија го смета за одговорен, Чанак истакна дека за сето ова во крајна линија е одговорен Слободан Милошевиќ, а и „самите знаете кои беа неговите најблиски соработници во тоа време“.