Додека партиите се караат, невладините подготвија реформски пакет

Сподели

Целта на реформскиот пакет е да ги врати демократските стандарди и вредности во Македонија, а предложените мерки треба да ги спроведе експертска влада, објаснуваат иницијаторите.

0,,19317395_303,00

Десетина граѓански организации и експерти, денеска ќе го презентираат „Предлогот за итни демократски реформи“, документ кој на концизен начин дава насока за клучните демократски промени што треба да се спроведат во земјата. Додека четирите партии-потписнички на Договорот од Пржино изминатиов период го поминаа во меѓусебни надмудрувања, опструкции и јалови преговори, овие граѓански организации во последните три месеци напорно работеа и координирано го подготвуваа реформскиот пакет, со цел да ги вратат демократските стандарди и вредности во Македонија, враќајќи ја така и довербата на граѓаните кон институциите. Предлогот ќе го презентираат денеска во 13 часот на прес-конференција, пренесува Дојче веле

Вклученост, мониторинг и евалуација

Ова не го сметаат како формално барање за „петто столче“ во политичките преговори, но се надеваат дека предлогот ќе обезбеди суштинска вклученост на граѓанското општество во проценката на состојбите во институциите, како и во мониторингот и евалуацијата на спроведувањето на предложените реформи.

„Главната цел на документот е да предложи мерки за спроведување итни реформи кои ќе создадат услови за слободни, фер и кредибилни избори. Со оглед на степенот на заробеност на државата од страна на владејачките партии, сметаме дека најцелисходно е предложените мерки да ги спроведе експертска влада која прво ќе спроведува реформи, а потоа ќе организира избори. Документот ги покрива итните демократски реформи во клучни области кои беа препознаени и во Извештајот на Прибе, а во документот детално се разработуваат неколку области: јавни финансии и економија, судство, борба против корупцијата, избори, медиуми, јавна администрација, контрола врз полицијата и тајните служби, Собрание и граѓанско општество“, објаснуваат иницијаторите на реформскиот предлог-пакет.

Според нив, вклученост треба да постои на сите нивоа на власта, вклучувајќи ги и независните, надзорните и регулаторните тела.

„Овие заложби се комплементарни со заложбите на ‘Шарената револуција’ за граѓанско учество во преговорите за излез од политичката криза“, потенцираат предлагачите.

Инцијативата е покрената од експерти и неколку организации: Граѓанската асоцијација МОСТ, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Институтот за европска политика, Институтот за комуникациски студии, Македонскиот центар за европско образование, Фондацијата отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет, Центарот за економски анализи и ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Граѓаните мора да знаат!

Орагнизациите-учесници во подготовката на „Предлогот за итни демократски реформи“, се само дел од осумдесет и осумте граѓански здруженија, кои вчера исто така побараа вклученост во преговарачкиот процес. За таа цел доставија писмени барања до делегацијата на ЕУ, амбасадата на САД и до четирите партии вклучени во преговорите. Велат дека граѓаните се незадоволни од нетранспарентноста на преговорите и од неможноста да се вклучат во процесот.

„Доста е од тајни средби, без отчет што е договорено, кои се проблематичните точки и за што допрва ќе се преговара. Граѓаните мора да знаат, бидејќи тие се суверени во Република Македонија и се решава нивната судбина“, порача граѓанскиот активист Петрит Сарачини.

Моделот на вклученост што го бараат подразбира присуство на различни претставници на граѓанскиот сектор како директни набљудувачи и консултанти во преговорите.

„Поаѓајќи од уставно загарантираната можност за непосредно изјаснување на граѓаните и од уставната слобода за здружување заради остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, убедени сме дека сега е вистинскиот момент што е можно повеќе граѓани да ги исползуваат овие демократски можности, со цел да се вклучат во решавањето на политичката криза и со тоа, да им помогнат на општеството и на државата“, рече Симона Спировска од граѓанската платформа „Ајде“. Немаат поставено временски рок во кој очекуваат одговор, но сметаат дека меѓународната заедница нема да остане глува на ова и другите нивни барања: Уставниот суд да се изјасни за уставноста на законот за Специјалното јавно обвинителство, да престане прогонот кон демонстрантите и да се формира експертска влада која ќе создаде услови за фер избори.

Најавуваат дека „Шарената револуција“ нема да мирува, туку ќе инсистира на реализирање на овие барања. Но, веќе е извесно дека едно од барањата најверојатно не ќе може да се реализира во овој период, бидејќи Уставниот суд заминува на колективен одмор од 15-ти јули до 1-ви септември. Освен, ако не реши да го скрати одморот.

 DW.COM