Како да сме паднале од Марс – Ерол РИЗАОВ

Сподели

Ерол Ризаов

Само ако е „паднат од Марс“ човек може да поверува и да се согласи со сите политичари кои од ден на ден сè погласно врескаат за владеење на правото и за божемна цврста определба за неселективна пресметка со носителите на организираниот криминал и за брзо расчистување на корупциските скандали кои со години ја тресат Македонија. Човек при здрав разум, кој живее во Македонија и гази на земја, а не лебди во партискиот космос, не може да не види нешто што е многу очигледно и кристално јасно: колку се погласни повиците за воспоставување правна држава, толку е посилно закочен целиот правосуден систем, почнувајќи од обвинителствата до највисоките судски инстанции.
Колку посилно се крева врева за борба против криминалот на високите политички функционери, во власта или во опозицијата, сеедно, толку помалку има осудени, а повеќе има избегани од рацете на правдата. Она што е константно и непроменето е фактот дека и натаму без застој, како да не се случило ништо, се трупа незаконски стекнато богатство. Во оваа сиромашна земја никој никого не прашува од каде ти се овие хациенди, дворци, луксузни згради и станови, компании, болници, рудници, хидроцентрали, електрични ветерници, чифлици, авиони, јахти, џипови и банкарски сметки со девет, десетцифрени бројки изразени во цврста валута и во злато, кои не ги собираат ни трезорски вреќи. Прашува ли некој дали ова го наследивте од вашите родители, дедовци и баби, или го стекнавте со работа. Колку вашиот имот е рамносилен на милионски износи (не)неплатени даноци и обврски кон државата. Тоа во оваа земја е строго забрането, односно точно е определена меѓата до каде може да се оди и кој може да има таква „непријатност“ да мора да се го оправдува своето кнежевство стекнато со десет прста.

***

Актуелната власт и премиерот Зоран Заев, СДСМ и нивните коалициски партнери ќе ја понесат целосната одговорност за неуспехот со расчистување на криминалните афери и судските предмети кои се покренати и кои допрва треба да се покренат за злоупотребите, криминалите и корупцијата направени во изминатите години. Казната ќе биде особено голема ако од кои било причини не се добие датум на преговори со ЕУ и ако Македонија не стане членка на НАТО. Дури и да се остварат овие два најзначајни историски стратегиски цели, неминовно е и целосно расчистување со аферата „Рекет“ и праведни пресуди за злоделата на претходната власт.

Колумната на Ерол Ризаов за Независен весник, во целост прочитајте ја тука