Вести Македонија Став Ударни вести

ДОМ: Морачанин оствари средба со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за една изборна единица

Сподели:

 

Денес, во Собранието на РСМ, претседателката и пратеничка од зелената партија ДОМ, Маја Морачанин, оствари средба со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ: Никола Мицевски, Антонио Милошоски и Дафина Стојаноска.

На средбата се разговараше за измена на изборниот модел за воведување една, наместо сегашните шест изборни единици.

Морачанин ги реафирмираше барањата на ДОМ за измена на изборниот модел со една изборна единица без праг, отворени листи и 50% жени на листите. Укажа дека иако двата Предлог-закони за измена на Изборниот Законик, уште пред неколку месеци се доставени во Собранието, сеуште не е започната расправата по нив и затоа ДОМ бара таа да започне во текот на овој месец. Посочи и на потребата од организирање јавна расправа со вклучување на експертската јавност и граѓанските здруженија.

На средбата беше истакнато дека приоритет ќе биде започнувањето на собраниската дебата за предлогот за една изборна единица и дека поддршката за измените на изборниот модел не е во корелација со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори.

ДОМ го прифаќа предлогот за укинување на т.н. Пржинска влада, која е неуставно и нефункционално решение. Значајно е што овој предлог доаѓа од најголемата опозициска партија, што е потврда дека во изминатите изборни процеси институциите покажале капацитет да спроведат фер и демократски избори во кои сите имаат доверба.

ДОМ го поддржува предлогот за намалување на бројот на пратеници, со цел намалување на трошоците од буџетот. Помалиот број пратеници е дополнителна причина ДОМ да инсистира за воведување една изборна единица без праг, отворени листи и 50% жени на листите. Така ќе се овозможи избраните пратеници да бидат директен одраз на волјата на граѓаните, независно од ставовите на раководствата на политичките партии, што ќе придонесе за унапредување на демократијата во општеството.

Сподели: