ДОМ на Совет на Европските зелени: Транзиција од јаглен кон сончева енергија во енергетиката

Сподели

 

Од 10 до 13 јуни се одржува 31 Совет на Европските зелени. Глобалната корона пандемија, оневозможи ДОМ да биде домаќин на Европските зелени, во Скопје и затоа за прв пат, Советот се одржува онлајн. Денес на сесијата на Балканската зелена мрежа се одржа панел дискусија на тема: “Климатска акција во балканските земји”.

Ана Угринска, секретар за меѓународна  соработка на ДОМ се осврна на негативното влијание на термоелектраните на јаглен во регионот врз климатските промени и аерозагадувањето. Ги потенцираше приоритетите на ДОМ за имплементација на зеленото сценарио на Стратегијата за енергетика и транзиција од производство на електрична енергија од јаглен кон обновливи извори на енергија. Се осврна и на Законот за енергетика донесен во 2018 година со кој се овозможи помасовно користење на сончевата енергија за производство на електрична енергија.

Европратеникот Михаел Блос зборуваше за заложбите на Европските зелени за воспоставување на поамбициозни цели за редукција на емисиите на стакленички гасови, од постојните кои предвидуваат ЕУ да постигне климатска неутралност до 2050 година.

Пипа Галоп од невладината организација Бенквоч се осврна на состојбата со термоелектраните на јаглен во Западен Балкан и истакна дека неотварањето нови термоелектрани на јаглен е од највисок приоритет.