ДОМ: Во пост-корона периодот економскиот развој треба да се базира на Зелената економија

Сподели

 

Со цел успешно справување со здравствените и социо-економските последици од корона кризата, Зелената партија ДОМ предлага ЗЕЛЕН ПОСТ-КОРОНА ПЛАН, за економски развој, заштита на здравјето, животната средина и климата. Овој Зелен план ги вградува принципите на одржливост, солидарност и отпорност на евентуални идни кризи. Мерките за пост-корона економската трансформација мора да се насочат на заштита на луѓето и планетата.

Главни столбови на Зелениот план се Зелена економија, социјална правда, владеење на правото и почитување на човековите права.

ДОМ смета дека во пост-корона периодот економскиот развој треба да се базира на принципите на Зелената економија. Главните инвестиции треба да се насочат кон намалување на загадувањето на животната средина, на потрошувачката на енергија и промовирање на употребата на чиста енергија. Со цел замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија инсистираме на интензивно стимулирање на користење на сонцето и ветерот, како и на реновирање на објекти со цел да се зголеми енергетската ефикасност на зградите во јавниот, комерцијалниот сектор и домаќинствата, како и примена на концептот на паметни зелени градови.

Грантови за помош на бизнис секторот да се доделуваат на социјално и еколошки одговорни компании што инвестираат во зелени технологии и отворање зелени работни места.

Во иднина не смее да се отвораат нови рудници за експлоатација на јаглен и металични суровини. Да не се доделуваат концесии за изградба на мали хидроелектрични централи во заштитени подрачја и на реки коишто се притоки на вештачките хидроакумулации што се користат за водоснабдување, наводнување, производство на електрична енергија, спорт и рекреација.

ДОМ се залага за имплементирање на Зеленото сценарио на Стратегијата за енергетика, како и отстранување на употребата на јагленот за производство на електрична енергија до 2025 година.

  • Да се обезбеди најмалку 40% учество на обновливи извори на енергија од сонцето и ветерот до 2040 година
  • Да се субвенционира производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија во домаќинствата
  • Да се поттикне формирање енергетски кооперативи
  • Да се субвенционираат индивидуалните земјоделски производители и земјоделски стопанства за користење обновливи извори енергија во производството

Зелениот пост-корона план предвидува инвестирање во:

  • енергетска ефикасност на зградите, индустриските процеси и транспортот
  • зелени паметни градови што имаат еколошки и ефикасен јавен транспорт, велосипедски патеки и слободни пешачки зони
  • зелена инфраструктура формирана од паркови и зелени коридори долж реките и булеварите, најмалку 25м2 зеленило по глава на жител
  • железничката мрежа и електрификација на транспортот
  • дигитализација, истражувања и иновации
  • одржлив и алтернативен екотуризам, со цел зголемување на приходите на локалното население
  • локалното органско производство на храна
  • проекти за реализирање на препораките на УНЕСКО за Охридскиот регион да го зачува статусот на светско природно и културно наследство

Зелениот план предвидува:

  • Препрогласување на Националниот парк Маврово, Споменикот на природата Матка и парк-шумата Водно
  • Ревалоризирање и заштита на Споменикот на природата Охридско Езеро
  • Да се прогласи Шар Планина за Национален парк, а Осоговските Планини за Заштитени предели
  • Да се изградат сите регионални санитарни депонии и да се санираат сите диви депонии до 2027 година
  • Да се санираат сите “жешки еколошки точки” со историско загадување до 2030 година.

За ефикасна борба против загадувањето на воздухот, водата и почвата, Зелениот план предвидува:

  • Ригорозно да се казнуваат субјектите што ги прекршуваат одредбите од интегрираните еколошки дозволи и елаборатите за заштита на животната средина
  • Да се изврши ревизија на А и Б интегрираните еколошки дозволи и еколошките елаборати
  • Да се зголеми ефикасноста на инспекцискиот надзор и да се координираат активностите на инспекциските служби на национално и локално ниво.
  • Да се подобри пристапот до правда во животната средина и да се санционира еколошкиот криминал