Доналд Туск на самитот Брдо-Бриони во Скопје

Сподели

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, седум претседатели и еден премиер ќе бидат гости на претседателот Ѓорге Иванов, кој е домаќин на самитот на шефовите на држави во Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи попладнево и вечерва во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Официјално присуство на самитот го потврдија претседателите на Хрватска, Колинда Грабар Ќитаровиќ, која е во Скопје од вчера, претседателот на Словенија, Борут Пахор, како и неговите колеги од Србија, Црна Гора, Албанија и Косово – Александар Вучиќ, Филип Вујановиќ, Илир Мета, Хашим Тачи, и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Претпладнево претседателот на Европскиот Совет, Туск, во Владата ќе има средба со премиерот Зоран Заев.

Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички е потребата за подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла, а во контекст на новата стратегија на Европската Унија за Западен Балкан.