Државниот Архив ќе ја предаде персоналната документација на ПИОСМ

Сподели

 

На средбата меѓу директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески и директорката на Фондот на ПИОСМ, Билјана Јовановска, одржана на 30 јуни 2021 година, на која присуствуваше и државниот советник, м-р Сашо Јанкуловски, заеднички беше договорено да се интензивира соработката и наскоро овие две институции да потпишат Меморандум за соработка, со што се очекува да се надминат некои долгогодишни проблеми и прашања поврзани со остварувањето на права на нашите граѓани од областа на пензиско-инвалидското осигурување.
 
Целта на оваа средба и соработка е да се забрза и да се поедностави постапката за остварување на правото на пензија на граѓаните на нашата земја. Со примопредавањето на персоналната документација на фирми во стечај и ликвидација од депоата на Државниот архив во Фондот на ПИОСМ, ќе се комплетираат податоците во евиденцијата за граѓаните кои повеле постапка за стекнување на правото на пензија. Со тоа ќе се олесни процедурата за добивање податоци што се содржани во пријавата М4 и значително ќе се намали времетраењето на постапката и трошоците на граѓаните.
 
Државниот архив со предавањето на оваа персонална документација на Фондот на ПИОСМ, која претставува документарен материјал со рок на чување од 45 години, ќе добие нов слободен простор во своите депоа за прием на нов архивски материјал од јавните иматели (Влада, Собрание, министерства, локална самоуправа и други државни органи).