ДУИ: Дали Уставниот суд го подготвува следниот удар врз албанскиот јазик? 

Сподели:

Утре, на седницата на Уставниот суд, како точка на дневниот ред е и Правилникот за начинот на водење, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта, донесен од министерката за образование и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 32/2026.

Истиот е оспорен од уставно-правен аспект, односно истиот Правилник е во спротивност со Амандманот V на Уставот на Република Северна Македонија и член 17 од Законот за употреба на јазиците, бидејќи овој Правилник во „Службен весник“ е објавен само на македонски јазик, и покрај фактот што постои законска обврска истиот да биде објавен и на албански јазик, реагираат од ДУИ.

Амандманот V на Уставот е многу јасен. Дополнително, член 17 од Законот за употреба на јазиците предвидува дека сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од страна на институциите кои се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“, се објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на албански јазик и неговото писмо. Правните аргументи не завршуваат тука.

Член 8 став 1 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во Службен весник на Република Северна Македонија предвидува дека сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи на сите органи на државната власт во Република Северна Македонија, при што таксативно го предвидува и Уставниот суд на Република Северна Македонија, кои се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, се објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на албански јазик и неговото писмо.

Оттука, од сето изнесено, не е потребно многу за да се разбере следново:

Уставот, како највисок правен акт, Законот за употреба на јазиците, како lex specialis во областа на употребата на јазиците, како и Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“, сите предвидуваат законска обврска на институциите, ex officio, сите акти што се објавуваат во „Службен весник“ да бидат објавени на двата јазика.

Секој правник добро ја знае релевантноста на прашањето за објавувањето на актите и неговото правно дејство.

Ова го знае и Уставниот суд, кој го потврдува овој факт во својата одлука од 2023 година, евидентирана под У.бр.89/2023, со која го укинува Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списите, објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 125 од 15.06.2023 година.

Во оваа одлука, меѓу другото, се наведува:

„Самото објавување на законите и на другите пропис претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено законот, а во конкретниот случај прописот со неговото донесување, промулгирање (потпишување) и објавување во службено гласило од јавен интерес, станува применлив акт.“

Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите нормативни акти, Уставот на Република Северна Македонија ја утврдил обврската, но и рокот, тие да се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, како службен весник на РСМ.

Одредбата за објавување на законите и другите нормативни акти во Уставот е предвидена во главата за основните човекови и граѓански слободи и права, односно во делот што се однесува на гаранциите на основните слободи и права.

Овој факт покажува дека Уставот не го третира објавувањето на законите и другите нормативни акти како техничко прашање, туку како прашање кое суштински ги засега уставните гаранции на основните човекови и граѓански слободи и права.

Врз основа на ова, самиот Уставен суд прашањето на објавувањето го третира како суштинско прашање и како основа за укинување или поништување на оспорените акти.

Прашањата што се поставуваат се:

1. Дали необјавувањето на оспорениот акт и на албански јазик претставува повреда на Уставот и на погоре наведените закони, или, кога станува збор за албанскиот јазик, истото се третира како прашање од второстепено значење и како ирелевантно прашање?

2. Какво значење има ова? Дали се отвора вратата утре и законите да се објавуваат само на македонски јазик?

3. Зошто Судот ја менува сопствената воспоставена судска практика кога станува збор за јазикот и правата на Албанците? – прашуваат од ДУИ.

Сподели: