ДУИ ги активира волонтерите на терен во време на изолација

Сподели

 

Во време кога владата постојано апелира како мерка на претпазливост да не се излегува од дома, една од владејачките партии ДУИ повика да се оди по домови на стари лица за да се дава помош. Редакцијата на „Порталб.мк“ постави неколку прашања до оваа партија за тоа како смета дека нема да ги загрозува во поголема мерка граѓаните и нема потенцијално да ја шири инфекцијата со вирусот COVID-19.

Портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, во изјава за „Порталб.мк“ тврди дека партиските активисти кои се ангажирани да им помагаат на повозрасните лица за време на кризниот период со коронавирусот, ќе бидат опремени со маски, ракавици и средство за дезинфекција за да се спречи инфекција/ширење на вирусот, пренесува „Порталб.мк“.

Османи не даде детали за тоа кој ја иницирал ваквата активност и кој ја помага.

– Активистите ќе бидат заштитени со маски, ракавици и средства за дезинфекција и наместо постарите лица да одат во супермаркетите и аптеките, при што ќе имаат контакти со десетици незаштитени лица, тие ќе имаат контролиран и заштитен контакт – одговори Османи на нашето прашање.

Тој додаде дека избраниот модел е веќе присутен во други земји и се консултирал со експерти за здравство, но не посочи колку волонтерите всушност биле подготвени да бидат ефективни и да не ги загрозуваат другите лица.

– Моделот се засноваше на светско искуство и во консултација со здравствени експерти. Драго ни е што сите општини го следат нашиот модел и формираат тимови на волонтери – додаде Османи.

ДУИ, исто така, денеска издаде соопштение во врска со оваа активност, во кое се наведува дека тие се грижат претежно за лица во возраст над 65 години, неподвижни лица и лица во изолација како мерка на претпазливост.

„Ако треба да останете дома заради корона вирус и ви е потребна поддршка, јавете се на нашата телефонска линија 0800 55 000, секој ден од 08:00 до 18:00 часот. Волонтерите од вашето соседство имаат чест да ви дадат поддршка за вашите дневни потреби – како испорака на храна или лекови и потребен превоз – бесплатно. Затоа што се грижиме. Причината зошто решивме да ја ангажираме нашата организациска структура пред сè е поради тоа што ние #СЕГРИЖИМЕ за здравјето на нашите граѓани и ви овозможуваме да ги спроведеме препораките на Владата да останете дома“, се вели во соопштението на ДУИ.

Слични активности за помош на овие категории на граѓани преземаат и Општина Гостивар и Општина Бутел.

meta.mk