Вести Македонија

ДУИ ги даде потписите на СДСМ, за коалиција се уште ќе дебатира

После повеќечасовните преговори во седиштето на ДУИ, доцна синоќа портпаролот Бујар Османи излезе со изјава дека централното претседателство ќе ја продолжи дебатата, а ДУИ ќе им даде потписи на СДСМ, но тие потписи не значат формирање на нова влада, односно тоа не значи дека ДУИ ќе коалицира со СДСМ.

„Поради некои околности кои се поврзани со рокови одлучивме да дадеме поддршка со десет пратеници на СДСМ, но тоа не значи дека имаме договор за коалиција, само се дава подршка за мандат, за да се деблокираат некои процеси, за да се започнат роковите за локалните избори треба што поскоро да се донесат одлуки, а за тоа треба да се добие мандат и Собранието да почне со работа. Ако се одлучиме за учество во владата, треба да се усогласат програмите. Има аргументи за и против двете опции и не можам да кажам дали доминира едната или другата опција, но вечерва не очекувам да се донесе таква одлука. Давањето на потписи не значи договор на влада, туку значи започнување на процес на преговори за влада, доколку одлучиме за опцијата партиципирање во влада. Не е во интерес на државата локалните избори да се одложат“ – изјави Османи.

Лидерот на ДУИ не сакаше да даде изјава, додека Теута порача дека сите опции се на маса. Состанокот на ЦП в понеделник ќе излезе со целосно соопштение за нивната конечна одлука.

Сподели: