ДУИ: Го повикуваме Иванов да го додели мандатот за формирање на влада на новото парламентарно мнозинство потврдено со 67 потписи

Сподели

Соопштение ДУИ:

Централното Претседателство на Демократската Унија за Интеграција, како основачки субјект на Заедничката изјава на парламентарните албански партии на Македонија, следејќи ја внимателно ситуацијата создадена по изјавата на г.Иванов, ја потврдува нашата посветеност за исполнување на точките од горенаведената Изјава.
По тој повод, ја користиме можноста да објасниме дека Изјавата претставува еден заеднички документ на албанските политички партии во Македонија, изготвена и потпишана во Скопје, како едно резиме на изборните програми на сите наши парламентарни партии и во никој случај не претставува наметнување на било каков надворешен фактор.
Имајќи во предвид дека оваа Изјава е во согласност со европските вредности бидејќи ја зајакнува етничката кохезија, помага на зајакнување на демократијата, владеењето на правото и законот како и Евро-атлантската перспектива на нашата земја, ние сметаме дека заедничката Изјава на албанските парламентарни партии е во духот на Охридскиот Договор и Уставот на земјата и како таква на било каков начин не влијае врз интегритетот на земјата и не го загрозува унитарниот карактер и уставниот поредок на државата.
Исто така, ниту еден ред од оваа изјава не го прекршува Уставот на Република Македонија.
Албанските политички партии и ниту нивната заедничка изјава не беа причина за системската, политичка и институционална криза во земјата и имајќи го во предвид ова, ги повикуваме политичките партии да се воздржат од претворање на политичката криза во меѓуетнички судир меѓу двете најголеми етнички заедници на оваа земја.
Затоа, го повикуваме г.Иванов, во согласност со своите уставни обврски како и со неговото барање за време на консултациите со сите парламентарни партии, да го додели мандатот за формирање на влада на новото парламентарно мнозинство потврдено со 67 потписи на пратениците од Собранието на Македонија.
Истовремено, го повикуваме г.Иванов, како и политичките партии во Македонија, да бидат умерени и претпазливи во своите изјави со цел да не се загрози заедничката иднина на граѓаните во Македонија.