Вести Македонија Ударни вести

ДУП-от за Трнодол на повторна јавна презентација и анкета

Сподели:

 

 

 

 

Предлог ДУП-от Ј03 Блок 7, за потегот околу Трнодол и дел од Козле ќе биде ставен на повторна Јавна презентација и Јавна анкета во првата половина на 2020 година. Лажни се информациите дека ДУП-от за Трнодол и дел од Козле ќе се донесе на следната седница на Совет на Општина Карпош.

Процесот ќе продолжи транспарентно како и до сега, а на барање на граѓаните, Јавната презентација ќе се одржи во подобри просторни услови, како сите жители би можеле да имаат увид.

Повторно, истакнуваме дека овој Предлог ДУП не предвидува никакви нови населби или уништување на зеленило. Целосно е заштитен зелениот појас и истиот ќе добие намена Д2 односно заштитно зеленило. Намалена е катноста и  на објектите, а спорната Јужна обиколница со новиот ГУП ќе биде целосно избришана. Во овој ДУП истата се предвидува единствено од технички аспект, заради законски нужното усогласување со посточекиот ГУП.

Со новиот Предлог ДУП се предвидува максимална безбедност на теренот. Имено, Предлог ДУП-от предвидува задолжителни геомеханички испитувања на теренот, заштита на земјиштето со потпорни ѕидови и шипови пред почеток на било каква градба. ДУП-от кој сега е на важност, за објектите под Трнодол (позади „Макпетрол“) воопшто не го предвидува ова.

Апелираме до граѓаните да бидат спокојни во однос на безбедноста и ефектите кои може да ги има градењето врз истата.

Завршено е времето кога ДУП-овите се носеа на сила, далеку од очите на јавноста! И покрај големиот број на лажни информации и напади, ќе продолжиме да овозможуваме поголем увид во Предлог ДУП-от на граѓаните и целосно транспарентно да го водиме овој процес.

Новата Јавна анкета повторно ќе трае и по завршување на работното време на граѓаните, за да се овозможи поголема видливост на ДУП-от и забелешки преку анкетни листови.

Во меѓувреме, на веб страната е достапен графички и текстуален дел од овој ДУП, каде што сите страни можат да се уверат во горепосоченото.

Насилството и агресијата  не смеат да бидат одлики на една од најразвиените општини во нашата држава, Општина Карпош. Затоа ќе продолжиме процесот да го водиме низ призмата на транспарентност, дијалог и соработка со сите вклучени чинители – се наведува во денешното соопштение на Општина Карпош.

Сподели: