ФРОДЕМ: Зошто молчат ЕУ и Жбогар?

Сподели

 

И по поминати четири дена од изјавата на евроамбасадорот Жбогар дека ,,ветингот е последна опција по која требало да се посегне во моментов”, молк од него и од страна на ЕУ. ФРОДЕМ упорно во име на чесните и достоинствени граѓани на Република Македонија ќе настојува да дознае која е поената на изјавата на евроамбасадорот односно дали ова е став на ЕУ или пак се работи за личен став? Засега оттаму ни збор одговор.

Затоа повторно јавно прашуваме дали со изјавата на евроамбасадор Жбогар, ЕУ јавно призна дека потклекнала пред анархијата на левата и десна политичка елита во државава, пред политизираното и партизирано правосудство, пред корупцијата и криминалот на политичарите и нивните инсталации во последниве петнаесет години?. Исто така сакаме јавно да ја прашаме ЕУ и да добиеме одговор дали со обидот да се заштитат нечесните, политизираните и криминализираните политичари, судии и обвинители можеби се крие и обид да се сокрие замешеталството на некои високи претставници на државите членки на ЕУ во матните зделки на елитите од власта и опозицијата во државава.?  Овие прашања секако дека заслужуваат брз и сериозен одговор од страна на демократските и правдољубиви сили во ЕУ.

Никако не можеме да разбереме зошто со дадената изјава евроамбасадорот Жбогар во целост свесно ја обезвредни логиката на добивање датум за преговори и ги потврди оправданите сомнежи и стравувања на Емануел Макрон и Франција. Обесхрабрувањето односно недавањето можност за расчистување со криминалот на политичките елити и прочистување на судството и обвинителство (демонстрирана со изјавата на Жбогар и молчешкум поддржана од неговите колеги) не се должи на неспремноста на граѓаните на Република Македонија сами да се соочат со ова најголемо зло, туку пред се на поведението на претставниците на дел од западните дипломати кое наликува на високо доходовна воајерска мисија за набљудување и премолчување на криминализираните процеси и заштита на ,,симпатичните” им леви и десни политичари, судии и обвинители.

ЕУ пред се Европската комусија мора конечно да им објаснат на граѓаните на Република Македонија дали во потенцијалната идна членка на ЕУ и понатаму треба да функционираат и да се толерираат двојните стандарди и закони. Едни за припадниците на претходниот режим и сегашниве на власт, а други закони и правда за сите останати смртници и тоа пред очите и поддржано од нивните високи претставници. Дали и во останатите држави членки на ЕУ се толерира свесното пречекорување и злоупотреба на судските овластувања, шурувањето на судиите со политичките партии и бизнисмените кои ги влечат конците во судскиот систем и ги диктираат пресудите?. Зошто за ЕУ камелеонството на судиите и обвинителите, непотизмот во овие институции, полуписменоста, партизираноста и политизираноста на еден дел од судиите и обвинителите, извештаите за злоупотребите на Акмис системот наеднаш станаа невидливии односно аномали кои сеуште можеме да ги ,,голтаме”?.  

Затоа за ФРОДЕМ и за голем дел од граѓаните на Република Македонија изјавата на Жбогар и молкот на ЕУ претставуваат тивок обид за амнестија на криминализираните политичари, судии и обвинители и други високи претставници. Со обидот за простување на нивните криминали и злосторства не се постигнува еднаквост, одговорност и правичност како и посветла, цивилизациска европска иднина – се наведува во соопштението на ФРОДЕМ – ФРОНТ ЗА ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА.