Дургутов: Институционалната пасивност кон (воскреснувањето на) јавните соби

Сподели

 

Македонското општество како целото да е претворено во една голема јавна соба, во воајерска одаја во која секој милува да ѕирне во интимноста на некој непознат и да присвои делче од приватноста на другиот. Ова, надополнето со бавната или непостоечка реакција и отсуството на јавнообвинителски одлуки и форензички истраги, неминовно водат и веќе доведоа до нови виртуелни соби во кои злонамерната љубопитност на некои од нашите сограѓани создава нови жртви и нивен вистински психички терор.

Иван Дургутов

Во октомври, низ јавноста одекна нова вознемирувачка вест, за која информираа од здружението на граѓани „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“. Граѓанските активисти обелоденија дека многу наши сограѓанки, претежно од ромска националност, се тортурираат преку споделување на нивни експлицитни фотографии на креирана Фејсбук фан-страница. Идејата преку ваквите обиди за компромитирање, па и уцена на жртвите, истите да се прикажат како т.н. „нечесни жени“, следува по повеќемесечната тишина и неколкуте претходни групи на слични социјални платформи, за кои општеството реагираше многу, а надлежните институции малку.

Деморализирањето и обезвреднувањето на наши сограѓан(к)и не само што е недозволиво, туку и казниво однесување. Меѓутоа, сите оние санкции кои како држава ги имаме пропишано во своето законодавство и за кои, недвојбено, добро стоиме декларативно, за да може истите конечно да профункционираат, нужни се будност и агилност на најповиканите – Министерството за внатрешни работи и неговиот Оддел за компјутерски криминал и дигитална форензика и Јавното обвинителство. Доволно читавме за одговори од одговорните – дека се постапува, се преземаат активности и други изрази кои јавноста, оправдано, започнува да ги доживува како „флоскули“. Продолжуваат да изостануваат конкретните санкции, а жртвите се оставени самите на себе.

Како што алармирав и во еден од претходните мои блогови, на институционалната анемичност мора да ѝ ставиме крај. Реакциите на органите на прогонот кои континуирано изостануваат, отворено го поставуваат прашањето и на кое ниво е свесноста на претставниците на нашата полиција и на носителите на јавнообвинителските тоги, кои очигледно не сметаат дека ваквите кривични дела треба да го добијат своето заслужено внимание.

Дискредитирањето на лицата чија интима фотографски се прикажува во разни групи на социјалните мрежи со бројни членови, како недозволено постапување доведува и до ред други кривични дела – вклучувајќи го и говорот на омраза. Повторно, ниту ова не е доволно за јавноста да слушне за некоја позначајна активност од основните јавни обвинители околу оваа тема. Напротив, она што го слушаме се ситуации на дополнително тормозење и злоупотреба на состојбата на жртвите, кога дури и за оние активистки кои ќе го кренат својот глас, се објавуваат и нивни фотографии во насока на нивна уцена и замолчување.

Од друга страна, инкриминирањето на едно од најново најавените дела како што е демнењето, кое е за поздравување, но и кое како по добропознатиот обичај заглави низ законодавните лавиринти, не е и нема да биде доволно самото по себе. Кривичарите задолжени за постапување и процесуирање, ги имаат и во овој момент сите потребни алатки, за да посегнат по прогонот на сторителите вклучени во последната од низата наши „јавни соби“.

 

Institucionalnata pasivnost kon voskresnuvanjeto na javnite sobiИзвор: pexels.com

Разоткривањето на претходните вакви виртуелни простори, остана некаде во меѓупросторот на слабата соработка на социјалните мрежи на кои групите беа создадени и тивката пасивност на македонските институтиции. Вознемирувачките коментари за голотиите од прикажаните жртви, продолжуваат да одат и до тој степен што се коментира дури и за припаднички на женскиот пол кои и не живеат во државата, а се дистрибуираат дури и фотографии на кои се гледаат малолетни деца на жртвите.

Заедницата во која секојдневно опстојуваме, знаеме да кажеме дека станува тешка за живот. Зборувајќи за ова, честопати и забораваме колку е оваа околина потешка за жртвите на ваквите дела, кои мораат да живеат и со двојната виктимизација, со молкот на надлежните институции кои тие преку своите даноци ги финансираат, па дури и со нивното „преќутно согласување“ со делата.

Заедно – и теоријата и практиката, укажуваат дека неактивноста на обвинителите знае да биде прочитана како своевиден поттик и охрабрување од демначите, а тоа е онаа порака која како граѓанство треба да ја сопреме. А, штурите и оскудни информации – дека „се постапува и се истражува“ и така во недоглед, за многумина се токму тоа – поддршка за нови и нови јавни соби.

Културата на неказнивост за непочитувањето на нормите, која ни се провлекува упорно низ сите изминати години и речиси на секое можно поле, од сообраќај до образование па и изборен процес, во ваквите случаи е уште позастрашувачка, знаејќи за каков упад во туѓа приватност се работи. Како целото тоа и да не е доволно, овие јавни соби, прво завршуваат на „јавен суд“ од јавноста, а многу потоа и секогаш под знак прашалник останува енигмата дали оние кои членуваат внатре како сторители воопшто ќе се соочат со вистинскиот суд и ќе завршат со било каква одговорност за своето поведение.

Порнографските содржини и значителниот број на сексуални воајери присутни во нашето опкружување е појава која не може, а да не нè загрижи како поединци. Игрите со приватноста на единката, знаат немилосрдно да чукнат на сечија врата и оттаму, непрекинатиот притисок за постапување кон надлежните мора да биде наша мисла водилка.

Периодичните вести за нови јавни соби од кои се шокираме, само го потврдуваат фактот и дека јавната соба не нѝ се повтори, туку таа никогаш и не се затвори. Главниот адут кои институциите го имаат – постапувањето по допрен глас како да не постои во македонското сивило, а баш тоа мора да биде чекорот број еден кој прв ќе се преземе.

Другото она кое останува на располагање од спектарот на мерки – дополнување со нови кривични дела и законски измени, едукативна кампања и регионално дејствување, претставува само дополнителен дел од инструментариумот кој нема да заживее, ако овој првиот продолжува да затајува. Ресорот внатрешни работи мора да започне посериозно да се занимава со „внатрешните работи“ во зачестените предаторски групи на социјалните медиуми, затоа што во спротивно единствено е прашање на време кога јавноста повторно ќе се интригира со нови вести за нови јавни соби.

respublica.edu.mk