Вести Македонија Ударни вести

Две години од смртоносните поплави во скопско

Сподели:

Скопје денеска одбележува две години од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер. Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново.

По тој повод, под мотото „Да не се заборави и никогаш да не се повтори“, градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, вечерва на плоштадот во Стајковци ќе додели повеќе од 200 благодарници на институции, јавни претпријатија, фирми, здруженија, на граѓани и волонтери кои доброволно помогнаа за време на поплавите.

– На денот кога се навршуваат две години од катастрофалната поплава во Стајковци и околината за сите учесници кои придонеле на каков било начин во справувањето со поплавата, на симболичен начин првпат сакаме да им се оддолжиме давајќи благодарница за нивната помош и пожртвуваност – соопштија од Општината.

Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.

Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.

Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.

– Своевиден метеоролошки феномен кој опстојувал неколку часа со континуирано регенерирање и формирање олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажувала дека треба да помине во краток рок. Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години – вака УХМР го објасни тогаш невремето што ја погоди Скопската котлина.

Сподели: