DW: Ќе ги „симне“ ли Хан амнестираните од пратенички листи?

Сподели

Аналитичарите немаат големи очекувања од посетата на Хан. Изненадување може да има само ако застане зад моралните принципи практикувани во ЕУ, што би значело амнестираните од Иванов да не се најдат на листи за пратеници.

Johannes Hahn Ankunft (Getty Images/AFP/J.Thys)

Нема преголеми очекувања меѓу политичките аналитичари од денешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан на Скопје. Освен скенирање од негова страна на актуелните политички случувања, односно добивање потврда дека изборите ќе се одржат на 11-ти декември и проверка дали и колку се имплементираат итните реформски приоритети, сѐ друго што би можело да произлезе од неговата посета го сместуваат во сферата на „можни изненадувања“.

„Комесарот Хан е во Македонија за да го заокружи досието Македонија за годишниот извештај на Комисијата, кој треба да се објави во ноември“, вели д-р Малинка Ристевска Јорданова, директорка на Институтот за европска политика – Скопје.

„За тоа неопходно му е да обезбеди исполнување на Пржино 2. Оттаму, очекувањата се дека ќе инсистира партиите да се држат до договореното – пред сѐ, на одржување на изборите на 11-ти декември. Вториот фокус е да се спречат компликации околу Специјалното јавно обвинителство“, смета Јорданова.

Токму ова прашање во јавноста се третира како поприоритено и од цементирањето на изборниот датум.
„Прашањето е каква порака ќе испрати комесарот околу функционирањето на клучната придобивка од Пржинскиот договор – Специјалното јавно обвинителство“, вели поранешен македонски дипломат.

„Хан најави дека ‘со нетрпение очекува да слушне од Специјалната обвинителка за напредокот во нејзината работа и за предизвиците со кои се соочува’. Секако, тој не е неинформиран за состојбите околу СЈО. Напротив! Затоа, ако остане само на ‘слушање’ што има Јанева да каже, а не слушнеме што комесарот конкретно има да им порача на опструкторите на законските измени што треба да овозможаат непречено функционирање на таа институција, тогаш процесот не добива никаква додадена вредност. Бидејќи, и да се одржат изборите во договорениот термин, тие не го решаваат прашањето за одговорноста на осомничените за криминал“, потенцира дипломатот.

Откривање или покривање на криминалот?

Првиот термин на еврокомесарот Хан рано утрово во 8 часот беше резервиран за средба со претставници на граѓански организации, по што следуваат средби со лидерите на четирите партии – потписнички на Договорот од Пржино, кои деновиве создадоа конфузија околу извесноста на одржувањето на изборите и (не)уставноста на датумот за распуштање на парламентот. Според уставните експерти, парламентот мора да се распушти 60 дена пред избори, а сите толкувања околу можноста за скратени рокови по тоа прашање, ги сметаат за паушални.

Текстот во целост прочитајте го тука

dw.com