DW: Ципрас во историска државна посета кај поранешниот државен непријател

Сподели

Грчкиот премиер Алексис Ципрас утре ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија. Во фокусот на разговорите во Скопје ќе бидат безбедносната и економската политика.

Тоа требаше да биде светла точка во политичката кариера на Јоргос Ваременос. Потпретседателот на парламентот во Атина отпатува во далечната Австралија со своите земјаци да го прослави 25 март, националниот празник на Грција. Но, само што го започна говорот, самопрогласените грчки патриоти со извици и скандирање го прекинаа: Ваременос за нив е предавник и треба да се срами, бидејќи тој и членовите на неговата партија ја продале Македонија. Левичарскиот полититичар подоцна во едно интервју се пожали поради „фашистистичките слогани на малцинството“- пишува Дојче веле.

Тоа не е изолиран случај. За време на прославата на националниот празник во повеќе грчки градови се извикуваше „Уа!“ и се свиреше поради неодамна постигнатиот компромис во спорот околу името со соседната држава на север.

Историска посета

Меѓутоа, тоа не го спречува премиерот Алексис Ципрас утре (2.4.), заедно со делегација бизнисмени и министри, да отпатува во Северна Македонија, каде свечено ќе го прими неговиот колега Зоран Заев. Ова е прва посета на еден грчки премиер на Скопје. Во програмата се предвидени разговори за безбедносната и економската политика, како и средба со претседателот на парламентот Талат Џафери.

„Историска посета“ – така за ДВ ја опишува Константинос Филис, директор на атинскиот Институт за меѓународни односи.

Особено е важна и ветувачка идната соработка во одбранбената политика – во рамки на НАТО, но и билатерално. Офицерите од Скопје наскоро ќе се обучуваат во грчката војска, очекува Филис. Покрај тоа, Атина би можела да пружи помош во обезбедувањето на воздушниот простор над Северна Македонија.

„Економски контакти постоеја и досега, но соработката во областа на безбедносната политика е нешто сосема ново. Тоа се однесува на суштината на државниот суверенитет и на билатералните односи им дава сосема нова тежина“, објаснува грчкиот аналитичар.

Договорот недоволно имплементиран“?

Во летото 2018 година, Ципрас и Заев успеаја да го решат долгогодишниот спор околу името Македонија. Според овој договор, младата балканска држва е преименувана во „Република Северна Македонија“. За возврат, Грција се согласи да ја признае под ова ново име. Покрај тоа, Атина би требало силно да го поддржи приклучувањето на Северна Македонија во НАТО и Европската унија.

По долготрајните дебати во самата Грција и оставката на неговиот десничарски популистички министер за одбрана, Ципрас во јануари 2019 година успеа да дојде до компромис и поддршка во парламентот. Договорот беше цел на напади на конзервативната опозициска партија Нова Демократија, во моментов водечка во сите анкети. Сепак, опозицискиот лидер Кирјакис Мицотакис ветува дека по промена власта нема да го воведува во прашање компромисот со младата балканска држава.

За тоа време, протестите продолжуваат, особено на северот на Грција. Паралелно со тоа, политикологот Филис предупредува дека Северна Македонија не го имплементирала договорот во доволна мерка. Некои изјави на премиерот Заев за „Македонците кои живеат на Егејското Море“ – под што се подразбира словенското малцинство во Грција – се во спротивност со духот на овој договор, смета аналитичарот. Ако Грција сега отвори своја амбасада во Скопје, сигурно бројни дипломати ќе имаат задача внимателно да ги евидентираат токму таквите изјави. „Секако, потребно е време да заживее договорот, тоа им е, исто така, на сите јасно“, укажува политикологот.

Поволен момент

Она што ги спојува двете страни конечно е и европската перспектива на Северна Македонија, смета Милтос Киркос, европарламентарец од редовите на социјално-либералната партија До Потами. „Нашиот северен сосед е подготвен да влезе во ЕУ и треба да го искористиме импулсот и да му помогнеме”, вели Киркос во разговор за ДВ. Ако нешто се промени во Скопје – на пример, по евентуална промена на власта – тогаш правото на Европската унија нуди доволно можности да се дејствува против тоа, посочува тој.

Но за почеток политичарите полагаат на економијата. Грчките бизнисмени се одамна активни во соседната држава, а Преспанскиот договор треба да даде дополнителен поттик. Кратко по потпишувањето на договорот, грчката авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс” за првпат воведе директни летови од Атина до Скопје. За овој вторник провладиниот весник „Етнос“ предвидува ново „слетување на Скопје” – притоа се мисли на повеќе од 50 бизнисмени и потенцијални инвеститори од Грција кои го придружуваат премиерот Ципрас на неговото патување во Северна Македонија. Сепак, имаше и откажувања: Во знак на протест против компромис во спорот за името, шефот на Солунската трговска комора, Михалис Зорпидис, одби да биде дел од делегацијата на Ципрас. Причината: „Името Македонија е свето за нас и ние ќе сториме сѐ што можеме за да го одбраниме”, се вели во соопштението на трговската комора.

DW.COM