DW: Заканите за војна – притисок врз ДУИ да се предомисли!

Сподели

Целта е со хушкачки пораки да се заплаши Ахмети дека ќе носи вина за последици по стабилноста, ако неговата одлука предизвика „народно незадоволство“, тврдат извори од помали партии во коалицијата преводена од ВМРО-ДПМНЕ

DUI-Parteiführung (DW/S. Toevski)                      Раководството на ДУИ во Мала Речица (архивска фотографија, мај 2012)

Со пораки кои ги шират јавни личности – поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ – дека „ќе има војна“ и „ќе падне крв“ ако СДСМ и ДУИ договорат влада, намерата е да се изврши последен притисок врз Ахмети за да се спречи одлука за коалицирање со СДСМ, велат за ДВ извори од помали партии во коалицијата преводена од партијата на Груевски. Инсистираат на анонимност, како што велат,  за да не бидат изложени на непријатности.

„Со вакви изјави треба да се храбри членството и да се испитува пулсот на граѓаните, но тоа не е главниот очекуван ефект. Тие се наменети да се испрати последна порака до ДУИ, каква што јасно ѝ била предочена на оваа партија и во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ – дека ако не се испочитува волјата на мнозинството во македонската заедница, тогаш ‘народот може да тргне по своето’. Во партијата е направена проценка дека ова е единствениот моќен аргумент со кој може подолгорочно да ‘го играат’ Ахмети. Односно, да го заплашат дека ќе носи огромна вина за евентуални последици по стабилноста и безбедноста на земјата, ако се прекрши коалицискиот принцип ‘победник со победник’, бидејќи тоа може да предизвика народно незадоволство, кое, наводно, никој не ќе може да го контролира“, посочуваат овие извори.

Всушност, тие и не кажуваат ништо повеќе од она што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ лично им го соопшти на дел од амбасадорите во земјава. Според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот став бил искажан и на средбата на Груевски со амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалаинен. На прашањето од амбасадорката – доколку СДСМ формира Влада, дали истата ќе биде прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ, од партијата одговориле: „Секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“.

Да се крева врева

Ваквиот став на Груевски во изминатите денови се преџвакува и дистрибиуира преку јавни личности поддржувачи на партијата, најчесто на социјалните мрежи, што создава тензии и перцепција дека „само што не пукнало“. Последната меѓу нив, „колку чини пластичен експлозив на црниот пазар“, напишана на ФБ од македонски актер, ја засили перцепцијата дека нешто се подготвува. Но, нашите соговорници тврдат оти освен (ин)директно поттикнување и помалите етнички заедници да се спротивстават со свои платформи или да реагираат против албанската, и обид за мобилизација на протести слични на декемвриските пред седиштетото на ДИК, сигурни се дека нема никаква енергија за нешто „поголемо“.

„Не е исто кога партијата е на власт или во опозиција. Ако се договори влада меѓу СДСМ и ДУИ, многу тешко ќе може да им се нареди да дојдат на протести на сите што претходно беспоговорно доаѓале, ажурирани на список и со потврда на присуството. Најтипичен е примерот со вработените во администрација. Ќе се решат ли тие на отсуство од работа заради протести, ако со тоа си го ризикуваат работното место, кое коалицијата не ќе може да им го заштити како преходно? Зошто да бидат глинени гулаби?“, реторички прашуваат соговорниците. Таквите сознанија биле искалкулирани во коалицијата, поради што се сметало дека барем заканата од масовно незадоволство треба да изгледа што поуверливо.

Текстот во целост прочитајте го тука

dw.com