Најчестите пријави за злоупотреба на личните податоци се за матичниот број

Сподели

Како дел од проектот „Заштита на личните податоци и медиумите, денес и в четврток во Скопје ќе се одржи работилница на темата „Улогата на медиумите во заштитата на приватноста, нетолеранцијата на говорот на омраза, слободниот пристап до информациите од јавен карактер и приватноста на јавните личности – Практика и студии на случај од ЕУ и Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).

Претставничката од Дирекцијата за заштита на личните податоци, Лилјана Пецова – Илиевска истакна дека преку оваа работилница, заедно со претставниците од Здружението на новинари и Агенцијата за медиуми, ќе може да се установи колку медиумите, новинарите и уредниците ги следат прописите за заштита на личните податоци.

„Нашата улога денеска е да ги видиме двата аспекта, односно аспектот на поднесените претставки од граѓаните кога се работи за злоупотреба на личните податоци од страна на медиумите, во колкав број ги има претставките и аспектот за саморегулација“, истакна Пецова – Илиевска.

Таа истакна дека со низа истражувања во регионот и пошироко, сите земји имаат различни модели на саморегулација, не само регулација внатре во медиумите и на медиумите воопшто, туку и на онлајн-сферата.

„Најчестите пријави кога станува збор за злоупотреба на личните податоци се во насока на објава на матичниот број, објава на преголем обем на лични податоци, значи освен име, презиме, има и адреса на живеење и каде работи лицето, што претставува преголем обем на лични податоци“, вели Пецова – Илиевска.

Лидерот на проектот, Наташа Пирц Мусар вели дека и медиумите треба да научат да го почитуваат Законот за заштита на личните податоци, бидејќи правото на слободно изразување не е право за да може да се направи, каже и да напише сѐ што се сака.

„Правото на слободно изразување не е апсолутно право, туку релативно право, а тоа значи дека е ограничено со правото на другите и во сите земји во Европската Унија, па и во Македонија, забележувате како медиумите влегуваат во приватноста на поединци. Затоа новинарите треба да ги знаат основите на уставното право и да знаат да оценат кога можат да влезат во приватноста на поединец, а кога не би смееле. Немојте никогаш да му го правите на друг она што вам не сакате да ви го направат. Ако оваа реченица ја прифатите, тогаш сте направиле најмногу за себе и за луѓето околу себе“, изјави Пирц Мусар.

Проектот е финансиран од ИПА ТАИБ 2012 програмата на Европската Унија, со поддршка на Дирекцијата за заштита на личните податоци.