ДЗР: Арачиново не води регистар на недвижен имот, не наплаќа данок на имот и комунални такси

Сподели

 

 

Општина Арачиново не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, не остварува приходи по основ на комунална такса на фирма, комунална такса за користење музика во јавните локали, комунална такса за истакнување реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување на градежно земјиште, покажува ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2021 година.

Од ДЗР информираат дека извршиле ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Арачиново, на сметката на основен буџет (630), за 2021 година.

„Со извршената ревизија, изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Извршена е ревизија за 2017 година и издаден е Конечен извештај за финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Општина Арачиново, сметка на основен буџет (630), при што овластениот државен ревизор се воздржа од давање мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, додека за усогласеност со закони и прописи изразено е неповолно мислење“, се наведува во соопштението на ДЗР..

Ревизијата опфатила спроведување на препораките презентирани во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2017 година на Општина Арачиново и било утврдено дека од дадените шест препораки, пет не се спроведени, а една е во тек на спроведување.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност кај Општина Арачиново, сметка на основен буџет (630) за 2021 година, од ДЗР биле констатирани следниве состојби: слабости при спроведување на процесот на буџетирање, реализација на планираните приходи и расходи од 77 проценти и недонесен ребаланс на Буџетот за 2021 година; не е воспоставена единица за внатрешна ревизија ниту меѓуопштинска соработка со друга општина во делот на внатрешната ревизија; општината не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, а данокот на промет на недвижности и данок на наследство и подарок не се утврдуваат согласно Методологијата за утврдување на пазарната вредност.

Како што стои во извештајот, општината не остварува приходи по основ на комунална такса на фирма, комунална такса за користење музика во јавните локали, комунална такса за истакнување реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување на градежно земјиште; не е воспоставена аналитичка евиденција на побарувањата за физички и правни лица со соодветна поткрепувачка документација, не е утврден основот за нивно постоење и можноста за нивна наплата.

Во насока на надминување на утврдените состојби, ревизијата дала препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.