ДЗР: Зајакнување на жените на лидерски позиции во органите на централната власт

Сподели:

Во конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност на тема „Жени лидери – жени во политиката, Собранието, на раководни функции во органи на централна власт“, ДЗР утврди дека не се воспоставени ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски позиции и на раководни функции во органите на централната власт.

Ревизијата го опфати периодот од 2020 до 2024 година, а одредени прашања и настани се следени и до денот на известувањето.

Жените претставуваат 57,5% од вкупно 110.885 вработени во јавниот сектор, но на раководни позиции најчесто се именувани мажи, што укажува дека поголемата застапеност на жените во јавниот сектор не се преточува и во еднаков пристап до позициите на одлучување.

“Во составот на Собранието обезбедено е почитување на законски утврдениот процент за учество на помалку застапениот пол, но потребно е подобрување на состојбата со составот на собраниските комисии, како во истите би се испочитувал
принципот на родова еднаквост утврден во Деловникот. Во Законот и Деловникот за работа на Владата не е предвиден принцип на родова еднаквост за состав на Владата, како и за именување на лица на раководни функции во институциите за кои истата носи одлуки. Не е донесен Закон за висока раководна служба со кој помеѓу другото треба да се уреди високата раководна служба и постапката за избор и пополнување на високите раководни места.

Именувањето на лица на раководни функции во органите на централната власт не е унифициран и се спроведува согласно поединечни закони кои го регулираат работењето на институциите. Во работните тела, комисии и институции каде раководни лица именува Претседателот на државата, обезбедено е почитување на принципот на родова еднаквост, што не е случај кога Собранието, Владата и дел од ресорните министерства именуваат раководни лица. Отсуствува интегриран систем на евиденција на лица на раководни функции во институциите, поради што не е можно да се обезбедат точни, навремени и унифицирани податоци за нивниот број и полова структура.

Политичките партии го подржуваат принципот на родова еднаквост, но потребно е да преземат дополнителни мерки за зголемување на учеството на жените во своите раководни структури, унапредување на нивните лидерски вештини и воведување на системски пристап и конкретни механизми за отстранување на бариерите со кои жените се соочуваат.
Обезбедувањето на сигурна средина претставува клучен предизвик кој треба да го обезбеди државата, како и регулирање на говорот на омраза на социјалните медиуми, бидејќи негативно влијае врз жените да се одлучат да прифатат раководна функција.” -ДЗР

Во Националната развојна стратегија 2024–2044, се споменува принципот на инклузивност, еднакви можности и недискриминација, што индиректно ја опфаќа родовата димензија, но без детална разработка или поврзаност со Стратегијата за родова еднаквост 2022–2027 година, во која е утврдена јасна цел за унапредување на учеството на жените во политиката, парламентот и на раководните функции во органите на централната власт. Иако целта и потребата се препознаени, во стратегијата и во акциските планови за нејзина имплементација не се утврдени конкретни активности за нејзино имплементирање и јасни индикатори за евалуација.

Нормативната и институционалната рамка која треба да обезбеди „сигурна средина“ која јасно го забранува сексизмот, говорот на омраза и вознемирувањето и обезбедува одговорност треба да се унапреди. Законот за еднакви можности на
жените и мажите ги дефинира посебните мерки, но нема појаснување што истите конкретно опфаќаат и начинот како да се применуваат со цел унапредување на родовата еднаквост. Донесен е План за унапредување на родовата сензитивност на Собранието во кој се утврдени цели, дефинирани се мерки и активности и индикатори, носителите на активности и периодот на реализација, но активностите кои се насочени кон структурни и системски промени не се реализирани. Од страна на Ресурсниот центар не се организирани обуки конкретно насочени кон развој, унапредување или поттикнување на жени лидери во политиката или на раководни функции во органите на централната власт. Законот за висока раководна служба, со кој треба да се уреди, постапката за избор и пополнување на високите раководни места, сеуште не е донесен.

Потребно е да се воспостави одржлив систем кој ќе обезбеди еднаков пристап, фер третман и сигурна средина за жените да учествуваат во политиката и да преземаат високи државни раководни функции, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Сподели: