„Една може“: Закон, систем, социјални мерки и и креирање политики за унапредување на правата на еднородителските семејства

Сподели

Интензивирање на контактот со институциите во насока на менување на законите и креирање политики за унапредување на правата на еднородителските семејства е целта на граѓанска организација „Една може“ за 2018. година.

Примарни цели се дефинирање на терминот самохран родител и кои бенефити треба да ги има таквиот родител и децата од таквиот семеен конструкт, како и креирање регистер на еднородителски семејства нешто што во нашата  држава се уште не постои.

Една може од сервисни услиги, на кои беше фокусирана изминатиот период, ќе се насочи кон зголемување на структуираноста и интензивирање на контактот и влијанието врз надлежните институции, со цел да се направат системските измени, кои ќе ги отворат можностите за унапредување на правата.

– Од постоењето на самостојна Република Македонија, нема закони и нема систем, кој ги штити еднородителските семејства, нема социјални мерки и можности за пристап кон економски добра. Поделивме милиони донации и од давање сервисни услуги се насочуваме кон активности за измена на законите со цел да придонесеме за менување на големата слика, изјави за МИА, претседателката на „Една може“, Дороти Пачкова.

Официјални информации за бројот на еднородителските семејства во земјава нема, а неофицијално нивната бројка изнесува околу 50 илјади.

Претставници на ГО досега остварија четири состаноци со министерката за труд и социјална политка Мила Царовска и според нив таа изразува голема подготвеност за менување на работите во оваа проблематика.
Освен зголемен контакт и притисок врз институциите, предвидени се активности за зголемување на сензибилноста на јавноста за правата на еднородителските семејства, преку објавување стории за искуствата на таквите родители и децата од таквите семејства преку веб страницата на организацијата.

Фокусот оваа година ќе биде ставен и на интензивирање на работата на социјалното претпријатие „Една прави“, кое работи во рамки на организацијата и кое произведува органска козметика, како и на зголемување на вработеноста на самохраните родители во рамки на ова претпријатие.